Инфлацијата во Турција во декември падна на 63 отсто

73

Инфлацијата во Турција драстично падна во декември во однос на претходниот месец, што може да помогне во позицијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган пред изборите, но веројатно нема да донесе олеснување за домаќинствата погодени од трошоците за живот. Потрошувачките цени во декември се зголемени за 64,27 отсто на годишно ниво, објави денеска Турскиот статистички институт, што е намалување во однос на 84,39 отсто забележани во ноември. Тоа е втор последователен месец како инфлацијата се намалува откако во октомври достигна највисоко ниво во последните 24 години од 85,5 отсто.

Додека пандемијата и руската инвазија на Украина ја поттикнаа инфлацијата ширум светот, експертите велат дека повисоките цени во Турција се поттикнати од верувањето на Ердоган дека високите трошоци за задолжување доведуваат до повисоки цени. Традиционалното економско размислување е дека зголемувањето на каматните стапки ја става инфлацијата под контрола.

Минатата година турската централна банка ги намали каматните стапки за пет процентни поени на девет отсто и покрај високата инфлација.

Спротивно на тоа, централните банки ширум светот ги зголемуваат каматните стапки за да се борат против зголемената инфлација. Ердоган, кому му претстојат избори во јуни, вети пад на стапката на инфлација во новата година и најверојатно ќе се однесува на овој пад на потрошувачките цени за време на изборната кампања.

Имајќи ги предвид изборите, турскиот претседател ја зголеми минималната плата за 55 отсто за да ги олесни економските тешкотии и објави регулатива што ќе им овозможи на повеќе од два милиони луѓе да одат предвремена пензија, и покрај предупредувањата дека тоа дополнително ќе го оптоварува буџетот.