
Инфлацијата во еврозоната забави од својот врв од 10,6 отсто во октомври 2022 година на 2,9 отсто во истиот месец оваа година, а во Европската унија падна од 11,5 отсто на 3,6 отсто во истиот период.
Сепак, инфлацијата на храната останува постојано висока, што ја продолжува борбата на потрошувачите со основните животни трошоци.
Реалната инфлација на храната, што е стапка на раст на цените на храната минус вкупната инфлација, во октомври 2023 година изнесуваше 4,6 отсто во еврозоната или четири отсто во ЕУ, што изврши огромен притисок врз домаќинствата со ниски приходи.
Во 2022 година, стапките на инфлација се зголемија во ЕУ, достигнувајќи нивоа што не беа забележани во претходните четири децении. Помеѓу 1997 година и крајот на 2021 година, највисоката инфлација забележана од Унијата беше 4,4 отсто во 2008 година. Во март годинава инфлацијата на храната и безалкохолните пијалоци достигна рекордни 19,2 отсто на годишно ниво.
Јазот помеѓу вкупната стапка на инфлација и стапката на инфлација на храната и безалкохолните пијалоци никогаш не бил толку голем како што беше во изминатите 12 месеци.
Според документот подготвен за европратениците, главни двигатели на инфлацијата на храната биле зголемените трошоци за енергија, кои се одразуваат на целиот земјоделско-прехранбен синџир, од земјоделците до преработувачките капацитети до транспортот. Покрај тоа, намалената понуда на клучните земјоделски инпути, како што се ѓубрива и добиточна храна, претставуваат најголеми влезни трошоци за земјоделците.
Според податоците на Светска банка за безбедноста на храната од 9 ноември 2023 година, европските земји се наведени меѓу најтешко погодените.
„Многу земји доживеаја двоцифрена инфлација на цените на храната, при што регионите како Европа и Централна Азија беа особено погодени поради нарушувањето предизвикано од војната во Украина“, се наведува во извештајот.
Да потсетиме дека Украина е еден од водечките светски производители и извозници на храна.
Инфлацијата на храната ја надмина вкупната инфлација во девет од десет земји
Во октомври 2023 година, годишната инфлација на храната и безалкохолните пијалаци ја надмина вкупната инфлација во 33 од 37 земји во Европа.
Годишната реална стапка на инфлација на храната се движеше од -5,7 отсто во Чешка до 10,9 отсто во Белгија, меѓу земјите од ЕУ, по што следат Грција (6,6) и Шпанија (5,9 отсто), покажаа податоците на Евростат. По Чешка, Унгарија (-1,6 отсто) и Романија (-0,5 отсто) имаат најниска реална стапка на инфлација на храната во ЕУ.
Гледајќи ја големата четворка, четирите најнаселени земји во ЕУ, реалните стапки на инфлација на храната беа под просекот на ЕУ во Германија (3,7 проценти) и Франција (3,5 проценти), но над оние во Шпанија (5,9 проценти) и Италија (4,9 проценти).
Кога ќе се пребројат земјите кандидати за членство во ЕУ, тие забележаа најголем удел во потрошувачката на храна, со 43,6 отсто во Албанија, 32,2 отсто во Босна и Херцеговина, 30,6 отсто во Северна Македонија и 27,2 отсто во Црна Гора, објави Еуроњуз.
Вистинската инфлација на храната е клучна во овие земји каде што всушност се троши повеќе на намирници.
Профитерството на фирмите е една од причините за поскапата храна
Кога зборуваме за моделите на висока инфлација на храната, Њујорк Тајмс пишува дека тие можат да се најдат и во однесувањето на самите производители на храна.
Се зголемуваат сомневањата кај потрошувачите, синдикатите и некои економисти дека инфлацијата би можела да се одржува непотребно висока од компаниите кои ги зголемуваат цените над нивните трошоци за да ги заштитат профитните маржи. Европската централна банка соопшти дека на крајот на минатата година, корпоративниот профит придонел за домашната инфлација колку и растот на платите, но не кажа дали некоја индустрија остварила премногу профит“, пишува NYT.
Тие наведуваат примери од април 2023 година, дека во Италија цените на шпагетите и другите тестенини, составен дел на оваа кујна, се зголемени за речиси 17 отсто во однос на претходната година. Во Германија, најголемата економија во Европската унија, цените на сирењето беа речиси 40 отсто повисоки од пред една година, а компирот чинеше 14 отсто повеќе. За споредба, годишната стапка на инфлација на храната во САД беше 7,7 проценти.
Економистите од германскиот Алијанц процениле дека десет до 20 отсто од инфлацијата на храната во Европа може да се припише на профитерство.











