Инфлацијата во ЕУ сè уште е над целта

22

Во јануари 2024 година, годишната инфлација во ЕУ изнесува 3,1 отсто, што е пад од 3,4 отсто во декември, покажуваат податоците на Евростат, статистичкиот завод на ЕУ, пренесува Euronews Србија.

Ваквата состојба е во остра контраст со истиот период лани кога стапката на инфлација изнесуваше 10 проценти.

Истовремено, годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 2,8 отсто во јануари 2024 година, што е пад од 2,9 отсто во декември и значително пониско од 8,6 отсто забележани во јануари 2023 година.

Падот на инфлацијата укажува на тоа дека потрошувачките цени растат побавно од порано, иако се уште растат. Негативна инфлација или дефлација се јавува кога цените паѓаат во економијата. Во јануари, на пример, цените на енергијата во ЕУ беа пониски од една година порано.

Инфлацијата сè уште е над целта

Прелиминарната проценка на Евростат, објавена на 1 март, покажува дека годишната стапка на инфлација во еврозоната во февруари паднала на 2,6 отсто, наспроти 2,8 отсто во јануари. Сепак, сè уште е над целта за инфлација на Европската централна банка (ЕЦБ) од два проценти.

Стапката на инфлација, мерена со Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), варира во голема мера низ Европа. Иако беше забележан пад во повеќето земји од ЕУ, ниту една од нив не покажа негативна инфлација во јануари во споредба со претходната година. Проценките на Евростат за февруари сè уште не покажуваат знаци за таков пад во ниту една земја.