Инфлацијата во еврозоната во јуни 5,5 отсто

Годишната инфлација во земјите од еврозоната забави на 5,5 отсто во јуни, од 6,1 отсто на месечна основа, покажува конечната проценка на заводот за статистика на ЕУ, Евростат.

Индикаторите се совпаѓаат со прелиминарните проценки.

Основната инфлација во еврозоната, клучна мерка за растот на цените за политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), забрза повеќе во јуни отколку што беше првично објавено. Ова речиси гарантира дека ЕЦБ следната недела повторно ќе ги зголеми каматните стапки.

Основните потрошувачки цени, без нестабилните елементи како што се храната и енергијата, се зголемија за 5,5 отсто во јуни во споредба со истиот месец минатата година, објави во средата Евростат, пренесува Блумберг. Прелиминарната проценка на Евростат беше 5,4 отсто, додека базичната инфлација во мај беше 5,3 отсто.

Вкупната инфлација во еврозоната падна од 6,1 отсто во мај на 5,5 отсто во јуни, што е најниско ниво на инфлација во земјите од Европската монетарна унија од јануари 2022 година, пред сè благодарение на падот на цените на енергијата.