Инфлацијата во Германија повторно порасна во јули

Инфлацијата во Германија повторно порасна во јули по падот во јуни, оставајќи неизвесност околу натамошното намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка во септември.
Растот на индексот на потрошувачките цени достигна 2,3 отсто на годишно ниво, што е за 0,1 поен повеќе во однос на јуни, објави денеска Федералното биро за статистика Destatis.

„Падот на цените на енергијата (-1,7 проценти за 12 месеци) ја намалува стапката на инфлација“, но „сè уште бележиме натпросечен пораст на цените на услугите (+3,9 проценти за 12 месеци)“, коментира Рут Бренд, претседателка на Дестатис.

Тврдоглавиот раст на цените на услугите, поттикнат од зголемувањето на платите во трудоинтензивниот сектор, го спречува падот на инфлацијата побрзо од целта на ЕЦБ од 2,0 отсто.

Стапката на инфлација без храна и енергија остана во Германија на 2,9 отсто во јули, исто како и во јуни, но на ниво далеку над вкупната инфлација од јануари 2024 година.

Како репер за ЕЦБ, вкупниот усогласен индекс на цените се зголеми за 2,6 отсто на годишна основа, потврди Дестатис.

Инфлацијата во еврозоната продолжи со нагорниот тренд во јули и се искачи на 2,6 отсто на годишна основа, по 2,5 отсто во јуни, објави Евростат.

Во јули, ЕЦБ ги задржа каматните стапки непроменети по првото намалување во јуни, а нејзината претседателка Кристин Лагард предупреди дека брзината и времетраењето на идните намалувања се „многу неизвесни“ поради нестабилноста на инфлацијата.

По летната пауза, Управниот совет на Европската централна банка следниот состанок за монетарната политика ќе го одржи на 12 септември, кога ќе има нови економски прогнози.