
Инфлацијата во Германија значително ослабе во септември, се лизна на најниско ниво од почетокот на минатата година, со нагло забавување на растот на цените на енергијата, покажаа првите проценки на заводот за статистика.
Потрошувачките цени во најголемата европска економија се зголемија за 4,5 отсто во септември, што е најслабо од февруари минатата година, покажуваат прелиминарните пресметки на Дестатис. Тоа значи дека растот на цените бил многу поблаг од август кога пораснале за 6,1 отсто.
На месечна основа, цените во септември пораснаа за 0,3 отсто, со исто темпо како и во август, покажуваат прелиминарните и моментално достапни податоци. Основната годишна стапка на инфлација, без цените на енергијата и храната, во септември изнесуваше 4,6 отсто и е пониска за 0,9 процентни поени во однос на август. Во последниот месец услугите поскапеа за 4 отсто од лани, по поскапувањето од 5,1 отсто во август.
Стоките, пак, поскапеа за 5 отсто, исто така многу поблаго од минатиот месец. Цените на енергијата се зголемија за само 1 процент, како одраз на високиот репер во септември минатата година, кога беше укинато ограничувањето на цените на горивото. Во август енергенсите поскапеа за 8,3 отсто.
Последниот месец храната поскапе за 7,5 отсто од лани, по 9 отсто поскапување во минатиот месец.