Инфлацијата во САД во јуни 3,2 отсто

23

Инфлацијата во САД благо порасна во јули во однос на јуни, на 3,2 отсто на годишна основа, покажуваат податоците на американското биро за статистика на трудот. Индексот на потрошувачките цени (ИПК) минатиот месец се зголеми за 0,2 отсто. Умерено зголемување на годишната стапка веројатно нема да има големо значење за пазарот, бидејќи инфлацијата беше исклучително блага во јуни.

Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, исто така порасна за 0,2 отсто во јули, со иста стапка како и еден месец претходно. Месечните податоци за вкупната и базичната инфлација беа во согласност со очекувањата, пишува Financial Times.

Откако минатото лето достигна врв од 9,1 отсто, податоците за инфлацијата се приближија до целта на ФЕД од два отсто. Основната инфлација остана висока, сепак, принудувајќи ја американската централна банка да ги држи каматните стапки високи подолго време. Економистите проценуваат дека ФЕД наскоро ќе стави крај на зголемувањето на каматните стапки.

Јулискиот извештај може да помогне да се намали притисокот врз ФЕД за дополнително зголемување на каматните стапки оваа година. За нешто повеќе од една година, ФЕД ги зголеми каматните стапки на највисоко ниво во последните 22 години на 5,25 до 5,50 отсто. Минатонеделните податоци за пазарот на трудот покажаа дека ФЕД доволно ја олади американската економија и дека не се потребни дополнителни зголемувања.