Инфлацијата во Турција во март околу 70 отсто

16

Инфлацијата на потрошувачките цени во Турција достигна 70 отсто во март, главно поттикната од зголемувањето на цените на храната и услугите. Во јануари инфлацијата порасна за 6,7 отсто, делумно поради значителното зголемување на минималната плата и новогодишното ажурирање на цените, а во февруари месечната инфлација изнесуваше 4,53 отсто, поттикната од растот на цените на храната и влијанието на зголемувањето на минималната плата врз услужниот сектор.

Според анкетата на Ројтерс, економистите проценуваат дека инфлацијата во март била во опсег од 68,2 до 70,54 отсто. Месечната прогноза за раст на цените се движеше меѓу три и 4,42 отсто. Податоците на Стопанската комора на Истанбул (ITO) покажаа дека малопродажните цени во Истанбул пораснале за 3,93 отсто во март. На годишна основа, индексот на цените на големо забележа раст од 63,21 отсто, пренесува Daily Sabah.

Во однос на претходниот месец, трошоците за здравје и лична нега се зголемени за 3,05 отсто, а трошоците за храна скокнале за 3,62 отсто. Трошоците за домаќинство и домување се зголемени за 6,01 и 3,90 отсто, соодветно. Пораст од 1,06 отсто има и кај трошоците за транспорт и врски и 8,96 отсто кај трошоците за облека.

На 21 март Централната банка на Турција одлучи да ја зголеми референтната каматна стапка за 500 базични поени поради влошувањето на изгледите за инфлација. Во записникот од состанокот, централната банка констатира дека водечките показатели упатуваат на забавување на инфлацијата во март.