
Годишната стапка на инфлација беше 7,7 отсто во март во земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), што е намалување од 8,8 отсто во февруари, објави во четвртокот меѓународната групација.
Падот е резултат на олеснување на цените на енергијата во земјите на ОЕЦД. Енергетската инфлација во март изнесува 1,3 отсто, наспроти 11,9 отсто во февруари, се вели во соопштението, пренесено од агенцијата Аандолу.
Највисокото ниво на годишна инфлација беше 10,7 отсто во октомври 2022 година, потсетува организацијата. Годишната инфлација се намали во март во 34 од 38 земји на ОЕЦД.
„На најниско ниво, Јапонија, Луксембург, Шпанија и Швајцарија забележаа стапки на инфлација под четири отсто, додека инфлацијата во Унгарија и Турција и натаму надмина 20 отсто“, се додава во соопштението.
На страната на Групата седум, годишната инфлација дополнително забави на 5,4 отсто во март, од 6,4 отсто во февруари.
Годишната инфлација во еврозоната падна на 6,9 отсто од 8,5 отсто, додека во Групата 20 падна на 6,9 од осум отсто во истиот период.











