Информацијата од Базел го катапултираше биткоинот

94

Биткоинот во четвртокот скокна за над 13%, над 38.000 долари, откако предлогот на Базелскиот комитет на банки им даде зелено светло на банките да ја држат водечката криптовалута во други дигитални средства.

Најпопуларната криптовалута достигна највисоки 38.461 американски долари во раните попладневни часови, зголемувајќи го растот што започна ден претходно.

Базелскиот одбор за банкарска супервизија, кој ги поставува меѓународните банкарски стандарди, препорача построги капитални барања за чување биткоини отколку за акциите и обврзниците.

Одборот предложи тежина на ризик од 1.250% за биткоин, етереум и сите останати криптовалути. Ова значи дека банката треба да поседува капитал еквивалентен на номиналната вредност на изложеноста на биткоини.

“Изложеност од 100 долари би довела до пондерирана актива од 1.250 долари, што ако се помножи со минималното капитално барање од 8% резултира со минимално барање за капитал од 100 долари (т.е. истата вредност на првичната изложеност бидејќи 12,5 е реципрочна 0,08 )„ стои во предлогот, пренесува Seebiz.

Иако Базел го категоризираше биткоинот како високо ризично средство, реакцијата на биткоинот сугерира дека инвеститорите веројатно очекувале уште полошо.

Пред информациите од Базел, биткоинот веќе беше во солиден плус благодарение на одлуката на Ел Салвадор да стане првата земја во светот што го воведе биткоинот како законско средство за плаќање, откако Конгресот во средата го усвои предлогот на претседателот Наиб Букеле за прифаќање на криптовалутата. Со 62 од 84 можни гласови, пратениците гласаа за усвојување на закон за прифаќање на биткоинот, и покрај стравувањата од можен лош ефект врз програмата на Ел Салвадор од 1 милијарда долари со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Претседателот Букеле се залага за употреба на биткоинот бидејќи, според него, тоа може да ги заштити девизни дознаки на иселениците од екстремно високите провизии во доларските трансфери. Според законот, компаниите ќе мора да прифаќаат биткоин како средство за плаќање на стоки и услуги. Ќе биде можно да се плаќаат даноци во таа крипто валута.

Употребата на биткоинот како законско средство за плаќање ќе започне за 90 дена, а курсот на биткоин во однос на доларот ќе го одреди пазарот.