
Зголемената атрактивност на Дубаи како туристичка дестинација, поттикната од значајни јавно-приватни соработки и поддржана од цврста маркетиншка стратегија, резултираше со прием на 9,88 милиони меѓународни гости во периодот јануари-јуни 2025 година, објави новинската агенција на Обединетите Арапски Емирати.
Се патува во Дубаи: Туризмот цвета и руши рекорди
Ова претставува пораст од шест проценти во однос на истиот период во 2024 година. Податоците беа објавени од страна на Секторот за економија и туризам на емиратот Дубаи.
„Дубаи продолжува да поставува нови рекорди во странските посети, зацврстувајќи ја стратешката визија на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи, да го трансформира градот во голема глобална бизнис и туристичка дестинација.”
„Оваа значајна пресвртница го одразува постојаниот раст на Дубаи како фокусна точка за трговија, инвестиции и можности, како и неговото издигнување како најповрзан град во светот“, изјави шеикот Хамдан бин Мохамед Ал Мактум, престолонаследник на Дубаи, заменик-премиер и министер за одбрана на ОАЕ и претседател на Извршниот совет на Дубаи.
Тој нагласи дека способноста на Дубаи да креира незаборавни доживувања што ги задоволуваат променливите барања на туристите, го консолидира неговиот статус како една од најпопуларните дестинации во светот.
„Од исклучителна инфраструктура до уникатни атракции“, додаде тој, „Дубаи нуди модел на совршеност во секторите за туризам и угостителство, предводен од иновации“.
Според Секторот, пазарите од Советот за соработка во Заливот и од Блискиот Исток и Северна Африка имаа заеднички дел од 26 проценти од вкупниот број на посетители на Дубаи од јануари до јуни 2025 година, соодветно со 1,5 милиони (15 проценти) и 1,1 милион (11 проценти) посети.
На чело на листата, според тој индикатор, е Западна Европа со 2,12 милиони посетители (22 проценти), а потоа следуваат Заедницата на независни држави (ЗНД) и Источна Европа (15 проценти), Јужна Азија (15 проценти), Источна Азија (девет проценти), Америка (седум проценти), Африка (четири проценти) и Австралија и Океанија (два проценти).











