Инспекторите не нашле прекршувања на Одлуката за ограничување на маржата

19

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во периодот од 30.01 до 12.02.2023 година година изврши над 1 100 надзори на целата територија на Република Северна Македонија при што издаде повеќе од 150 прекршочни платни налози во вредност од над 5,5 милиони денари.

Во истиот период се извршени 38 инспекциски надзори по Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки односно за ограничување на маржата, при што не се констатирани прекршувања и непочитување на Одлуката.

Како што соопшти Инспекторатот, од прекршочните налози, 45 се по Законот за трговија, 16 по Законот за угостителска дејност, 16 по Законот за заштита од пушењето, два се по Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, три по Законот за метерологија, 79 по Законот за финансиска дисциплина и два се по Законот за заштита на потрошувачи.

-Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, односно за ограничување на маржата. Секое отстапување од највисоко утврдената маржа од 5 отсто и 10 проценти во трговијата на мало и трговијата на големо се санкционира согласно Законот за трговија. Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа, истакнува ДПИ.

Фото: Pixabay