Извршниот директор на Instagram, Адам Мосери, изјави дека компанијата ќе преземе чекори за спречување онлајн навреди и закани. Социјалната мрежа, што е во сопственост на Facebook, се обврза дека ќе ја направи платформата сигурна и безбедна, па макар тоа ја чинело и губење на корисници.
За таа цел, компанијата ќе користи алатка со вештачка интелигенција што ќе детектира навредлив коментар и ќе ги предупредува корисниците пред да го постираат, пишува CNBC.
За Мосери справувањето со онлајн малтретирање е топ приоритет откако ја презеде челната функција во Instagram минатиот октомври.
Instagram тестира и нова опција наречена Restrict што ќе овозможи криење на коментари од одредени корисници, без тие да знаат дека нивниот коментар не се гледа.
Дополнително, социјалната мрежа, којашто брои над една милијарда корисници, работи и на криење на бројот на лајкови, да ја направи платформата “безбедна средина ослободена од притисок“.
Фото: Pexels