Американската социјална мрежа Instagram во вторникот објави дека ќе биде построга кога станува збор за препорака на содржини на тинејџерите при користење на оваа апликација за споделување фотографии и ќе ги насочи кон други области во случај да трошат премногу време на некоја тема.
Социјалната мрежа на својот блог објави серија промени што ги воведува за тинејџерите пред сведочењето на директорот на Instagram, Адам Мосери денеска на сослушувањето во Конгресот за заштита на децата на интернет.
Instagram и нејзината матична компанија Меtа Platforms, порано Facebook, беа под лупа за тоа како нивните услуги би можеле да влијаат на прашања поврзани со менталното здравје, перцепцијата на телото и безбедноста на интернет за помладите корисници.
Во објавата на блогот, Мосери исто така рече дека Instagram ја исклучува можноста луѓето во таа апликација да означуваат или спомнуваат тинејџери кои не ги следат. Тој најави и дека од јануари тинејџерите ќе можат да ги бришат своите содржини и претходните лајкови и коментари на Instagram.
Посочи дека Instagram истражува начини да го контролира и ограничи потенцијално штетниот или чувствителен материјал што им се препорачува на тинејџерите преку пребарувачите, хаштаговите, форматот на кратко видео на Reels и функцијата „Предложени профили“, како и на неговата страница „Истражувај“.
Блогот, исто така, наведува дека Instagram во вторникот лансираше нова функција „Take a Break“ во САД, Велика Британија, Канада и Австралија, која ги потсетува луѓето да направат кратка пауза доколку ја користат апликацијата одреден или подолг временски период.
Покрај тоа, тој објави дека во март следната година, Instagram ќе ги лансира своите први алатки за родителите и старателите да можат да следат колку време нивните тинејџери поминуваат на апликацијата и да им постават временски ограничувања.
Портпаролката на Instagram рече дека ќе продолжи да го паузира развојот на нејзините планови поврзани со верзијата на „Instagram for Kids“. Instagram ги суспендираше плановите за проектот во септември поради зголеменото противење на јавноста.
Овој потег следи откако Wall Street Journal објави интерни документи што ги добил од поранешната вработена во Facebook, Френсис Хоген, кои покажуваат дека компанијата знаела дека Instagram може да има штетни ефекти врз менталното здравје на тинејџерките, како што е нивната перцепција за нивниот физички изглед.