Интегрирањето на регионот во ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и економскиот раст на целиот континент

7
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на Форумот на граѓанското општество на Западен Балкан кој се организира во нашата земја во пресрет на Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија.

Организиран на секои две години од 2006 година, Форумот за граѓанско општество дава можност за размена на гледишта за моменталната состојба на граѓанското општество во регионот, за  неговите потреби и за неговиот иден развој. За нас, политичарите, ова е одлична платформа, расадник на идеи за подобрување на политиките кои ги кроиме, рече Заев.

“Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди, а ние, во духот на европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение за нашите билатерални прашања.

За да се обнови довербата во проширувањето и за да се зајакнат механизмите на ЕУ за ефикасно спроведување на процесот за интеграција и за членство на своите природни сојузници од Западен Балкан, Брисел треба без резерви да го обезбеди пристапот на политичките лидери и на претставниците на граѓанските организации од овој регион да учествуваат во активностите во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија.

Ова е особено и суштински важно бидејќи ако остане овој статус кво, без изгледни шанси за напредок, разочарувањето од блокадата на проширувањето ќе се прошири како канцер и врз другите процеси за европеизација на земјите од Западен Балкан.

Во таа насока, многу е важно да продолжат сите предвидени национални политики за Зелената агенда за Западен Балкан, како дел од Европскиот зелен договор, со поддршката од Економскиот и инвестициониот план за Западен Балкан на Европската Унија.

Нема никакво сомневање, и во нашите политики е апсолутно прифатено дека во справувањето со заедничките предизвици и проблеми кои не се само политички, туку и економски и социјални, социјалните партнери и граѓанските организации имаат клучна и суштинска улога со нивното активно вклучување во Зелената агенда за Западен Балкан.

Овој форум и натамошното вмрежување на граѓанските организации може да го даде дополнителниот придонес во градењето на капацитетите на граѓанските организации, а регионалната соработка, како и размената на експертиза, се во врвот на нашите владини политики за поддршка“, истакна премиерот.