Intel инвестира десетици милијарди долари во нови капацитети во Европа

85

Intel, еден од гигантите во полупроводничкиот сектор, ќе го зголеми својот капацитет во Европа со инвестиција од десетици милијарди долари, пишува Bloomberg, повикувајќи се на свои извори. Компанијата планира капацитети во Франција, Италија и Германија.

Во Франција, Intel ќе гради развоен центар, а Италија ќе биде локација на нова фабрика за тестирање и склопување. Главниот производствен погон ќе биде лоциран во Германија.

Извршниот директор Пет Гелсинџер се обидува да го врати сјајот на најголемиот светски производител на чипови. Компанијата ја загуби својата технолошка предност во однос на конкурентите и почна да губи удел на пазарот – но новите инвестиции мора да го сменат трендот. Тој сака да го врати најголемиот дел од производството во САД и Европа, на сметка на Азија.

Веста е добра за Европа, бидејќи ќе го забави немилосрдниот пад како база за производство на полупроводници од 400 милијарди долари. Но, Европа обично не ги произведува најмодерните и најмоќните чипови. NXP Semiconductors и STMicroelectronics се двете најголеми европски полупроводнички компании, но тие се фокусираат на автомобили и друга опрема, а не на компјутерските процесори, кои се специјалитет на Intel.

Недостигот на полупроводници оваа година ја обнови загриженоста за концентрацијата на производството во Азија. Гелсинџер смета дека дистрибуцијата на фабрики низ светот ќе помогне да се избегнат ваквите ограничувања за снабдување во иднина. Дел од планот на извршниот директор е да изгради фабрики за производство на чипови за други компании, со што ќе стане конкурент на TSMC.

За да ги финансира своите амбиции, тој ги повика пратениците од двете страни на Атлантикот да обезбедат јавни средства, во форма на даночни олеснувања и грантови, за производителите кои сакаат да градат погони во САД и Европа. Со доделување на капацитетите на три земји на Стариот континент, тој се надева дека ниту една од нив нема да се спротивстави на таквото финансирање.

Самиот Intel подготвува 28 милијарди долари за нови постројки и опрема во 2022 година, од издвоените 18 милијарди долари оваа година.

Една фабрика чини повеќе од 20 милијарди долари, пишува Блумберг, а објектот во Италија ќе „проголта“ околу 10 милијарди долари.