
Општините најавуваат големи инвестиции, но треба да имаме предвид дека овие средства од Унгарскиот кредит не се грантови, туку обврски кои ќе ги плаќаат и идните генерации. Многу е важно сега во предизборие како се трошат јавните пари и на централно и на локално ниво – вели во интервју за “Бизнис Инфо“ економистот, професор Абил Бауш.
Финансирање на општински проeкти …
Бизнис Инфо: Во предворје сме на локални избори. Вообичаено секој изборен процес значи на некој начин апстиненција од инвестиции – се најавуваат како проекти, но постојат бариери, односно изборните правила кои можат да го ограничат процесот. Како ја оценувате релацијата избори – инвестиции на локално ниво?
Бауш: Изборните процеси на локално ниво во Северна Македонија често создаваат т.н. инвестиционен вакуум. Градоначалниците и кандидатите настапуваат со амбициозни најави за капитални проекти, но институционалните и правните ограничувања, како и изборните правила, го замрзнуваат вистинското спроведување на инвестиции. Притоа, централната власт дополнително ја влошува ситуацијата преку доцнење со блок-дотации, бирократски процедури и зависноста на општините од политички одлуки. На тој начин, јавните пари во изборен контекст многу почесто се насочуваат кон политички маркетинг отколку кон реални развојни иницијативи. Ова ја намалува предвидливоста за инвеститорите, ја зголемува правната несигурност и ја поткопува довербата во локалната самоуправа како двигател на економски раст.
Бизнис Инфо: Општините најавуваат големи инвестиции, пред сè со пари од Унгарскиот кредит. Дали овој модел, без разлика на изборите, очекувате дека ќе испорача екфекти – раст и развој ?
Бауш: Моделот на задолжување преку унгарскиот кредит носи повеќе ризици отколку придобивки. Општините најавуваат големи инвестиции, но треба да имаме предвид дека овие средства не се грантови, туку обврски кои ќе ги плаќаат и идните генерации. Во отсуство на јасна стратегија за капитални инвестиции, постои опасност парите да завршат во предизборни инфраструктурни потези со ограничен развоен ефект. Наместо вистински економски раст, овој модел може да доведе до зголемена задолженост, фискален притисок врз општинските буџети и уште поголема зависност од централната власт.
Бизнис Инфо: Во јавноста имаше дебата зошто посегнуваме по кредит со голем износ додека на располагање имаме фондови на ЕУ…
Бауш: Ако се спореди со алтернативата како што е користење на фондови од ЕУ кои се неповратни и директно условни со одржливи проекти јасно се гледа дека кредитниот модел е значително понеисплатлив. ЕУ грантовите не само што не го зголемуваат јавниот долг, туку и го условуваат развојот кон зелени, дигитални и продуктивни инвестиции. Затоа, вистинските ефекти од Унгарскиот кредит врз растот и развојот ќе бидат ограничени. И ова ќе биде вака сè додека општините се потпираат на задолжување наместо на европски средства и долгорочни стратегии.
Задолженост на општини…
Бизнис Инфо: Општините остануваат меѓу најзадолжените субекти на ниво на државата. Заклучно со јуни имале доспеан, а неплатен долг во износ од скоро 65 милиони евра. Долгот варира, но се одржува на високо ниво …
Бауш: Фактот дека општините заклучно со јуни имаат неплатен долг од скоро 65 милиони евра укажува дека фискалната неодржливост на локалната самоуправа стана хроничен проблем. Иако имаше обиди за консолидација на општинските долгови, тие и натаму се зголемуваат поради три главни причини. Прво, општините се соочуваат со структурна зависност од централниот буџет што значи дека нивните сопствени приходи не се доволни, а трансферите доцнат и често се политички условени. Второ, локалните власти често прибегнуваат кон краткорочни и популистички расходи (масовни вработувања, неприоритетни проекти) наместо кон капитални инвестиции со долгорочен ефект. Трето, отсуствува механизам на финансиска дисциплина и транспарентност: општините не се санкционираат доволно за прекумерно задолжување, ниту пак се наградуваат оние што управуваат одговорно.
Бизнис Инфо: Имаше обид за консолидација на долговите на општините, дури им беа дадени финасии според “клуч“ од страна на преходната власт. Дел од општините го намалија долгот, но кулминираа нови.
Бауш: Консолидацијата на долгот останува половична мерка ако не се воведе системски пристап: јасен законски лимит за задолжување, заштитени капитални инвестиции и фискална одговорност што ќе ја намали политичката злоупотреба на јавните пари на локално ниво. Оваа состојба не е само апстрактна бројка во буџетите таа има директни последици за граѓаните. Високите долгови значат помалку пари за квалитетни локални услуги: комунална инфраструктура, одржување на училишта, јавен транспорт, зелени површини. На крајот, граѓаните ја плаќаат цената на оваа финансиска недисциплина преку послаби услуги и ограничени развојни можности.
Бизнис Инфо: Локалните власти постојано бараат посилна децентрализација, но од друга дел од нив не успеваат да ги наплатат даноците на локално ниво или ги проектираат на повисоко ниво ( има примери на општини каде данокот на имот е во исклучително низок обем на проекција иако се работи за општини кои се со поголем број на население)…
Бауш: Барањето на локалните власти за посилна децентрализација е легитимно, но мора да биде придружено со поголема финансиска одговорност. Не може да се зборува за автономија кога дел од општините не успеваат да ги наплатат ниту основните локални даноци, или ги проектираат на исклучително ниско ниво и тоа во општини со значајно население и економски потенцијал. Ова ја покажува слабата фискална култура и политичката неподготвеност да се преземат непопуларни, но неопходни мерки за подобра наплата на приходите.
Бизнис Инфо: Додека општинарите чекаат пари од “горе“ колку е важно и дали е време да почнат да мислат и на сопствената финансиска дисциплина?
Бауш: Децентрализацијата не смее да значи само повеќе пари и надлежности од централната власт, туку и обврска за професионално финансиско управување на локално ниво. Доколку општините не ја зајакнат сопствената фискална база преку подобра наплата на имотниот данок и локалните такси, секој повик за децентрализација ќе остане половичен и ќе се претвори во механизам за префрлање на одговорноста. На крајот, вистинската автономија почнува од сопствената финансиска дисциплина.
Како практично решение, неопходно е воведување дигитални системи за ефикасна наплата на локалните даноци и транспарентни јавни евиденции, кои ќе ја намалат можноста за злоупотреба и ќе обезбедат стабилна фискална основа. Вистинската автономија почнува од сопствената финансиска дисциплина, а не само од очекувањето на дополнителни средства од центарот.
Бизнис Инфо: На централно ниво главен проблем останува инфлацијата. Се најавуваат “непопуларни мерки “. Дали тоа подразбира подлабоки промени, во смисла на буџетски трошења, плати, висина на пензии …
Бауш: Инфлацијата е најголемиот економски предизвик на централно ниво и не може да се реши со ад-хок мерки или политички пораки. Кога владата зборува за „непопуларни мерки“, тоа најчесто значи рестрикции во трошењето, одложување на зголемување на плати и пензии, или пренасочување на буџетските расходи. Но вистинскиот проблем е во тоа што државата досега реагираше краткорочно со субвенции и контроли на цени наместо со структурни реформи кои ќе ја стабилизираат економијата.
Подлабоки промени подразбираат редефинирање на приоритетите: намалување на тековната потрошувачка, зголемување на капиталните инвестиции, подобра наплата на даноци и поголема дисциплина во јавниот сектор. Без ова, секое кратење ќе биде само симболичен потег кој го одложува проблемот. За жал, ризикот е дека најголемата жртва на инфлацијата на крајот да бидат граѓаните со ниски приходи, а губитник ќе биде и државата која ќе ја загуби можноста да го насочи буџетот кон раст и продуктивност.
Искуството од регионот покажува дека некои земји како Србија и Хрватска веќе воведоа подлабоки фискални реформи, зајакнувајќи ја буџетската дисциплина и инвестирајќи во стратешки сектори. Република Северна Македонија, пак, останува во зоната на одложувања на “решенијата“ и краткорочни мерки. Ако сака да ја стабилизира инфлацијата и да ја заштити економијата, земјата мора да ја следи регионалната динамика и да ја надмине политичката калкулација.
Д.А.
Абил Бауш; Фото: Јутјуб/Принтскрин











