Интервју со адвокат Дејан Јовановски: Како поранешен спортист, сакам да помогнам во работењето на спортските клубови и федерации во нивното организирање, планирање и управување

Спортското право е целокупната регулатива која ги уредува правата и обврските на сите спортски субјекти во спортската индустрија, односно меѓусебните односи помеѓу спортистите, спортските клубови, националните и меѓународните спортски федерации и нивното функционирање. Тука спаѓаат националните закони за спорт, меѓународните спортски конвенции, статутите и останатата регулатива на меѓународните спортски организации која се однесува на спортските правила, кодекси и други акти во врска со правата, обврските и одговорноста на спортските ентитети.

Како поранешен спортист, сакам да помогнам во работењето на спортските клубови и федерации во нивното организирање, планирање и управување, во обуката на стручниот кадар каде несомнено има голем потенцијал и професионални спортски работници. Секако, често се поистоветувам и со спортистите, вели адвокат Дејан Јовановски, инаку поранешен кошаркарски репрезентативец кој следствено на искуството и образованието, по вршењето на неколку функции врзани со право и спорт, го продолжува деловниот ангажман во адвокатурата.

Адвокатската канцеларија Јовановски & Анчевски има професионален тим и соработници со долгогодишно искуство и имаат пристап заснован на позитивни вредности и принципи. Работиме на стручно и законско подготвување и уредување на договори помеѓу спортистите, клубовите и федерациите, нивна комуникација со органите на државната управа во врска со регулирање на регистрација, вршење на дејност, статусна или друга промена во однос на обликот на управување, потребна документација при барање и користење на финансиски и други ресурси и сл.

Имате импресивна кариера, професионален кошаркар и репрезентативец на Македонија, директор – К.К. Работнички и ДСУ Спортска академија Скопје. Кој е најголемиот професионален предизвик со кој сте се соочиле досега?

Предизвиците се различни на секоја возраст и улога. Како кошаркар, секојдневна беше желбата да се вложува во себе со цел унапредување на ментално и физичко ниво, предизвикот секогаш беше да се реализира ефективен придонес во борбата за победа на секој натпревар. Подоцна беа настапите во националниот дрес и интернационалното искуство во европските кошаркарски лиги.
Од друга страна, надвор од теренот, но сепак во спортот, главен предизвик ми беше мојот ангажман да оствари позитивна промена и услови во областа каде што работев, гледајќи на тоа искуствено, знаејќи што сè ми било потребно и што недостасувало, а што е можно и остварливо.

Од неодамна сте и адвокат, како влеговте во оваа приказна?

Следствено на искуството и образованието, по вршењето на неколку функции врзани со право и спорт, некако природно го продолжив мојот деловен ангажман во адвокатурата, каде посебно задоволство ми претставува спортското право.
Во текот на мојата спортска кариера, и како спортист и како директор, секогаш сум бил поврзан со правните регулативи во рамките на работењето, а дипломирањето на правниот факултет многу ми помогна во брзото совладување на работните обврски. Статусот на адвокат е исчекор напред и можност уште подлабоко да навлезам во проблематиката, не само во спортот. На крајот на денот, да се биде адвокат е секако голема чест и одговорност.

Би ни посочиле кои се клучните точки на поврзувањето на правото и спортот, во теоријата и практиката и што всушност претставува спортското право?

Спортското право е целокупната регулатива која ги уредува правата и обврските на сите спортски субјекти во спортската индустрија, односно меѓусебните односи помеѓу спортистите, спортските клубови, националните и меѓународните спортски федерации и нивното функционирање. Тука спаѓаат националните закони за спорт, меѓународните спортски конвенции, статутите и останатата регулатива на меѓународните спортски организации која се однесува на спортските правила, кодекси и други акти во врска со правата, обврските и одговорноста на спортските ентитети.
Во областа на спортот мојата тенденција е унапредување на спортската едукација, култура и политика најмногу во делот на правото. Како поранешен спортист, сакам да помогнам во работењето на спортските клубови и федерации во нивното организирање, планирање и управување, во обуката на стручниот кадар каде несомнено има голем потенцијал и професионални спортски работници. Секако, често се поистоветувам и со спортистите.

Во динамичниот свет на спортот, квалитетната и навремената правна поддршка е од клучно значење за заштита на правата и интересите на професионалните спортисти, клубовите и спортските организации. Какви правни услуги обезбедува вашата адвокатска канцеларија?

Како најчести правни спорови се раскинувања на договори и неисполнување на обврските од истите. Добар договор е основ за позитивен исход во евентуален спор пред домашните надлежни органи, а секако и при евентуални правни дејствија во органите на меѓународните федерации, спортски организации и арбитражи.
Нашата адвокатска канцеларија има професионален тим и соработници со долгогодишно искуство и имаат пристап заснован на позитивни вредности и принципи. Работиме на стручно и законско подготвување и уредување на договори помеѓу спортистите, клубовите и федерациите, нивна комуникација со органите на државната управа во врска со регулирање на регистрација, вршење на дејност, статусна или друга промена во однос на обликот на управување, потребна документација при барање и користење на финансиски и други ресурси и сл.
Нашата цел е да дадеме правна поддршка во ефикасното функционирање на спортските ентитети, лесен пристап до финансиските средства кои ги обезбедува Министерството преку Буџетот, а секако и ефикасно застапување во спорови пред надлежните органи.
Покрај спортот, даваме услуги од областа на работни односи, деловно и трговско право, права на сопственост и други стварни права, облигациони односи, семејно и наследно право, наплата на побарувања и др.

Поранешен кошаркарски играч, каде повеќе уживате: спортот или правото?

Во различните етапи од животот и кариерата, уживам во она што го работам. Како млад спортист бев активен со многу ентузијазам, извесен период како професионален кошаркар, подоцна на функција во спортски клуб, спортска федерација, државни спортски и образовни институции, каде правото е паралелна област која многу ми помогна во функционирањето и управувањето.
Сега работам како адвокат и секако спортското право е една од неколкуте фокусни цели каде се чувствувам комфорен и исполнет. Овие две области за мене се нераскинливи и подеднакво ми претставуваат задоволство и среќа.