Интервју со Драгана Чифлиганец: Изградба на објект во центарот на Солун е мојот нов предизвик

6131

Речиси пет години компанијата „Адора инженеринг” не гради во Македонија, но мораториумите и административните бариери не нè спречија да инвестираме и да градиме. Ги насочивме инвестициите во Грција и во Србија. Оваа година се очекува да го пуштиме во употреба најновиот иновативен градежен проект „21 st Century Zlatibor residence, spa & wellness by Adora” на прекрасниот Златибор во Србија. Продолжуваме со градежни инвестиции во соседна Грција, по изградбата на вили на полуостровот Халкидики, следуваше изградбата на туристичкиот бутик комплекс со базен B&D LUXURY Suites на преубавиот остров Тасос, кој располага со 12 луксузни апартмани кои нудат сместување на само 2 минути од познатата плажа Голден бич во Скала Потамија. Годинава започнуваме со целосна реконструкција, од темел на објект во строгиот центар на Солун. Овој објект е мојот нов предизвик, вели во интервју за Бизнис Инфо Драгана Чифлиганец, извршен директор на „Адора Инженеринг”.

Градежниот сектор, кој важи за мотор на вкупната економија, вели таа, преживеа тешка година.

-Тоа го потврдуваат и бројките. Минатата година градежниот сектор регистрираше значителен пад во однос на претходната година. Најизразен беше падот во првиот квартал од 2022 година кога беше регистрирано намалување од 17,2 %, по што следеше незначителен раст од 0,2% во вториот квартал, а во третиот повторно беше регистрирано намалување од 9,1%, посочи Чифлиганец.

Економската, енергетската, здравствената криза ги погоди најголемиот дел од компаниите, децидна е таа, и додава дека ова е период во кој фирмите бараат начини да го одржат производството и бројот на вработени, а помалку се решаваат да влезат во нови инвестиции.

Неодамна прославивте 20 години постоење. Кои се проектите на кои најмногу се гордеете во изминативе 2 децении?

-„Адора Инженеринг” денес е бренд кој функционира 20 години не само како успешна македонско, туку и европска, светска градителска приказна која се развива под слоганот „Само делата се вистина”. Градбите на Адора се синоним за енергетска ефикасност, сигурност, асеизмичност, стабилност, за естетика, за иновативност. Ќе потенцирам дека изминатите 20 години искачувањето на скалите не беше ниту лесно, ниту едноставно, напротив беше борба за висок квалитет, за воведување на светските, европските стандарди во нашата држава како придобивки за целото општество, но и како придобивка за секој поединец, купувач на дом. Со потписот на Адора се изградени 40 репрезентативни станбено-деловни објекти во Македонија, со вкупна површина од 400.000 m² во кои се инвестирани над 415 милиони евра. Во над 3.000 домови среќно живеат и работат над 13.000 граѓани. Тимот на Адора Инженеринг е горд на сите 40 објекти изградени во Македонија, а сега и во Србија и во Грција. Денес, Адора Бизис Групацијата која опфаќа повеќе сфери на бизнис делување во финансискиот сектор, енергетиката, градежништвото, влегува амбициозно во третата деценија од својот развој. На тоа не поттикнуваат, но и не обврзуваат над 100-тина интернационални и национални награди и признанија. Адора ја продолжува и својата општествено одговорна традиција градејќи рамноправно, хумано општество за сите.

Како се справува Адора Инжинеринг со тековните случувања, кризи, имавме здравствена, сега имаме економска-енергетска криза, владее глобална нестабилност?

-Дека секогаш гледаме долгорочно, ќе дадам неколку примери. Деновиве сме сведоци на катастрофални земјотреси, сочувствуваме со настраданите во Турција и во Сирија, помогаме колку што можеме, но овој настан повторно ја актуелизира важноста на квалитетот на градење. Адора Инженеринг и по ова прашање беше пионер, во 2013 година бевме прва компанија во регионот која со вештачки земјотрес од 5 степени според Европската макросеизмичка скала, на објект во Аеродром ја тестиравме сеизмичката стабилност. Вештачкиот земјотрес изведен со соработка со ИЗИИС не предизвика никакви оштетувања, со што ја потврдивме врвната сеизмичка стабилност на зградите на Адора инженеринг, а воедно ја афирмиравме безбедноста на македонската градба.
Ќе дадам уште еден пример, уште во 2010 година инвестиравме во фотоволтаици, во енергетски ефикасни објекти. Тоа никој не ни го наметнуваше со закон, Адора тоа го направи визонерски. Се потврдува дека сме биле во право, денеска сите зборуваме за енергетска криза и како да се справиме со последиците од неа, а ние не чекавме да дојде енергетска криза за да поставаме фотоволтаици. Првите сончеви колектори ги поставивме пред речиси 13 години на објект во Аеродром и од тогаш па сè до денес сите објeкти на Адора имаат на кровот фотоволтаици, односно се енергетски ефикасни. Само би додала дека квалитетот што не се гледа со човечко око, тоа е Адора Инженеринг.

Какви се вашите очекувања, генерално, за градежништвото во време на криза и зголемени цени на недвижностите?

-Градежниот сектор, кој важи за мотор на вкупната економија преживеа тешка година. Тоа го потврдуваат и бројките. Минатата година градежниот сектор регистрираше значителен пад во однос на претходната година. Најизразен беше падот во првиот квартал од 2022 година кога беше регистрирано намалување од 17,2 %, по што следеше незначителен раст од 0,2% во вториот квартал, а во третиот повторно беше регистрирано намалување од 9,1%. Додека се намалува обемот на работа во градежниот сектор, растат цените на недвижностите. Тоа е резултат на порастот на цените на градежните материјали, енергенсите, комуналиите и другите трошоци. На крајот од минатата година се забележа извесна стагнација на цените на материјалите, од друга сртрана на почетокот од годинава се зголемија каматите на кредитите, сето тоа се очекува да придонесе и до стабилизација на цените на недвижностите до крајот на годинава, меѓутоа сепак тоа би значело стабилизација која е за најмалку 20 до 25% повисоки цени од оние пред зголемувањето на цените на материјалите.

Владата има намера да наплати данок за екстрапрофитните компании кои ја искористија кризата. Потребна ли е ваква мерка и дали ја оправдувате?

-Економската, енергетската, здравствената криза ги погоди најголемиот дел од компаниите, ова е период во кој фирмите бараат начини да го одржат производството и бројот на вработени, а помалку се решаваат да влезат во нови инвестиции. Сега дополнително се носат мерки на кои реагираат компаниите, се очекува со овој данок да бидат опфатени околу 200 компании и банки кои минатата година оствариле добивка над 10 милиони евра, како и оние кои имаат 20 % повисока добивка во споредба со претходните три години. Потребна е сеопфатна анализа, бидејќи може да биде мерка која ќе ги демотивира и домашните и странските компании да влезат во нови инвестиции.

Задоволни ли сте од работата на Фондацијата проф.д-р Ванчо Чифлиганец” и можете ли да кажете дека таа ја остварува својата мисија?

-Тоа е во нашите гени, сме помагале и кога можеме и кога не сме имале многу можности за тоа. Тоа го правиме преку Фондацијата, но и секој од моето семејство поединечно. Без разлика на приликите, секоја година одвојувам средства кои ги наменувам најчесто за најмладите, за здравството, за образованието. Дарувањето е двигател на убави емоции, по препорака на тимот на лекари на Клиниката на Гинекологија и акушерство во Скопје, донирав апарат за рана дијагностика на оштетување на слухот кај новороденчиња, со кој се врши рана детекција, а тоа значи и рана интервенција и спречување на други компликации кај предвреме родените бебиња. Кога беше најпотребно, во екот на короната, набавивме автоматски хематолошки анализатор со петдетална диференцијација на леукоцити во Здравствениот Дом во Радовиш. Овој апарат на докторите им овозможува подетален увид во клиничката состојба на пациентите. Пред само неколку месеци, една млада госпоѓа, ентузијаст, ми образложи колку им е важно да им пружат помош на помладите преку посета на дефектолог. Го реализиравме овој проект заедно во интерес на децата. Тоа е човечки и јас верувам дека секој човек во себе има емпатија кон другиот.

Имаме многу вакви примери во изминатите 20 години, како растеше Адора Инженеринг инвестираше во градењето на подобро и похумано општество за сите, вложувајќи над 5 милиони евра, како поддршка во образованието преку донација на компјутери, таблети, ранци и прибор за првачињата, во здравството преку донација на медицински апарати, со огромен ентузијазам за здрав развој на младите даваме поддршка на речиси сите видови спортови од борењето, ракометот, фудбалот, кошарката, ја поддржуваме културата, науката. Дека хуманоста нема граници, потврда е и соработката на „Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец” со „Фондацијата Новак Ѓоковиќ”, кои како главни партнери изградија нова, комплетно опремена, модерна детска градинка во село Љубиш, во близина на туристичкиот центар Златибор и новиот комплекс 21st Century Residence, Spa & Wellness by Adora. Тоа е нашата определба, во тој дух и продолжуваме да делуваме. Се надевам дека ќе бидеме инспирација за сите поединци и компании да градиме сите заедно човечки врски што се темелат на хуманост и благодарност.

На крајот, сакам да испратам и една искрена порака, желбата за работа, за поддршка, за помош, можам слободно да кажам дека е во кодот на семејството Чифлиганец, но ќе додадам дека изминативе 5 години инвестирајќи надвор од Македонија нè боли кога плаќаме даноци во соседните држави. Затоа ќе речам дека дома си е дома и верувам дека повторно ќе градиме во Македонија, ќе имаме домови за нашите верни купувачи кои чекаат и се јавуваат секој ден, а преку плаќањето даноци во нашата земја ќе придонесеме за полнењето на домашниот буџет. Адора Инженеринг се води од начелото да инвестира пред сé во нашата држава, а нашата општествено корпоративна традиција е секогаш да вратиме нешто назад во средините во кои што имаме деловни активности.

Кои се вашите најважни проекти и деловни потфати во 2023-та година? Планирате ли нови инвестиции надвор од Македонија?

-Речиси пет години компанијата „Адора инженеринг” не гради во Македонија, но мораториумите и административните бариери не нè спречија да инвестираме и да градиме. Ги насочивме инвестициите во Грција и во Србија. Оваа година се очекува да го пуштиме во употреба најновиот иновативен градежен проект „21 st Century Zlatibor residence, spa & wellness by Adora” на прекрасниот Златибор во Србија. Продолжуваме со градежни инвестиции во соседна Грција, по изградбата на вили на полуостровот Халкидики, следуваше изградбата на туристичкиот бутик комплекс со базен B&D LUXURY Suites на преубавиот остров Тасос, кој располага со 12 луксузни апартмани кои нудат сместување на само 2 минути од познатата плажа Голден бич во Скала Потамија.

Годинава започнуваме со целосна реконструкција, од темел на објект во строгиот центар на Солун. Овој објект е мојот нов предизвик. Станбено-деловниот објект „Thessaloniki 21″ ќе располага со 10 нови модерни апартмани од 30 до 130 m². Објектот е лоциран на улицата „Ерму” бр. 7, една улица веднаш над познатата шопинг улица-шеталиште „Цимитски”, во непосредна близина на пазарот, на само 5 минути одење пеш до плоштадот „Аристотел”, на само 2 минути од познатиот поранешен Шефилд Универзитет, денес Њујоршки институт за уметност и дизајн и на само 5 минути од крајбрежното шеталиште. Солун е особено атрактивен град за живеење, за посета, за бизнис, за транспорт и за нас Македонците и за целиот регион. Изградбата на овој објект започна овој месец, а веќе интересот е огромен, очекувам тој да биде завршен за 14 месеци, на почетокот на наредната година.

В.З.