ИНТЕРВЈУ со Гошевски: Можно е да се стане милионер во бизнисот со криптовалути, има Македонци кои се декларираа дека станале особено богати

1265

Местото на криптовалутите во светот на дигиталните финансии е неспорно, но каков и колкав процент и учество ќе имаат во новата дигитална економија останува да видиме, бидејќи тие се уште се приспособуваат на пазарот и го бараат своето место, вели во интервју за „Бизнис Инфо“ Душко Гошевски, адвокат и експерт за криптовалути.

Според него, пробивот и транзицијата што ја направи Ethereum со преминување на валидизација на трансакции со 99% помали трошоци на струја и намалување на емисиите на CO2 може да биде пресуден елемент за преобликувањето на местото и влијанието на криптовалутите во новиот свет и тоа како зелени валути без потреба од рударење.

За тоа дали е возможно да се стане милионер „преку ноќ“ во овој бизнис и колку Македонци познава кои успеале во ова, вели дека возможно е да се стане милионер, а возможно е и обратната варијанта.

– Има Македонци кои сами се декларираа дека станале особено богати, но последните 10 месеци имате пад на пазарот и губење на 2/3 од капиталот и јас не верувам дека останаа многу милионери. Доколку опстојат и издржат и кризата не им ги избрише портфолијата, секако е возможно повторно зголемување на вредноста на тие валути. Факторот ризик е многу голем, истакнува поранешниот помошен директор во УЈП од 2017-2019 година.

За тоа дали би му препорачал на некого сега да инвестира во криптовалути, адвокатот вели дека пред се препорачува „силна едукација и подигање на нашата индивидуална финансиска писменост“ пред носење на било какви инвестициски одлуки.

– Жал ми  е да кажам но ние сме таква средина каде што лесно се злоупотребува наивноста на граѓаните и честопати сме жртви на секакви „понзи“ и незаконски шеми. Одлуките мора да се лични, образложени и со дезирфициран ризик. Особено на пазарите кои се слабо регулирани, дециден е Гошевски.

Вредноста на биткоинот се движи околу 19.000 долари, етереумот веќе е на 1.300 долари, а и другите алткоини се во „црвено“. Какво е моментално расположението на пазарот на криптовалути?

-Моменталното расположение на пазарот на криптовалути е исто или многу слично со сите други финансиски пазари – а тоа е едно општо расположение на загриженост, резервираност па дури и претпанична состојба на страв од можеби најголемата економска криза во поновата историја. А сите знаеме што продуцираше последната таква криза, депресијата од 1929-1933 година.

Во таква констелација на сложени економски, енергетски и геополитички предизвици не можеме да зборуваме за пазар кој не е и нема да биде засегнат од тие состојби, вклучително и криптопазарот. Би рекол особено криптопазарот поради неговата слаба регулација.

Колку инфлацијата и подигањето на каматите од страна на ФЕД (САД) и ЕЦБ (ЕУ) влијаат на цената на „дигиталните пари“?

-Веќе е потврдено дека криптовалутите не може да се сметаат за антиинфламанторен инструмент и дека неговата вредност ќе биде детерминирана од пазарот. Следствено на тоа, факторите што влијаат на финансискиот пазар во моментот се и стапките на инфлација и подигањето на каматите на ФЕД и ЕЦБ како мерки на зауздување на инфлацијата која во многу држави е и двоцифрена. ЕЦБ има подигање на каматни стапки од 0.75% што се коси со сите досегашни залагања и стратегии  на таа институција за максимална корекција од 0.25% . Имаме работа со непредвидлива економска криза со многу непознати и многу фактори кои влијаат на неа.

Кога (и дали) очекувате ситуацијата да се подобри? Од што ќе зависи враќањето на пазарот на нивоата од пред 2 години, кога биткоинот го запиша својот врв од 69.000 долари?

-Мислам дека не можеме да говориме за опоравување на тој сегмент од пазарот додека трае економската криза на која најверојатно и претстои и рецесија како последователна фаза после пандемијата, енергетската криза и зголемената инфлација. Се уште нема простор за оптимизам. Да бидам појасен, ние можеби сме на почетокот на еден долг тунел и се уште не се гледа светлото на крајот. Прогнозите се песимистички но дигиталниот пазар на криптовалуте е само уште еден сегмент од вкупниот финансиски пазар.

На пример, вкупната капитализација на целиот светски криптопазар во најголемиот пик, кога биткоинот беше 69.000 долари, беше 3 трилиони од кои Биткоинот беше 1 трилион. Во моментов, целиот крипто-пазар е помалку од 1 трилион, некаде околу 922 милијарди долари.

Како го коментирате фактот дека дури и најголемите крипто-берзи го сопреа повлекувањето на влоговите за корисниците, а некои се и на работ на банкрот? Дали ова значи дека „балонот“ пукна или допрва ќе пукне?

-Морам да се навратам на претходниот одговор. Значи имате 2 трилиони или скоро 2/3 од вкупниот криптопазар кои се збришани од портфолијата на инвеститорите. Тоа е сериозен економски потрес за тој пазар.

Неколку големи платформи за тргување, како Creg, Celsius и и Voyager веќе прогласија банкрот. Они сега ќе се појават пред официјалните судови за водење на стечајните постапки !

На делумно регулиран или нерегулиран пазар, сами создаваат механизми за заштита, како на пример забрана за повлекување на влогови или стопирање за тргување со некоја валута, што на официјалниот пазар на капитал е работа на регулаторите и надлежните.

Тие можеби ги прескокнаа тие фази со некаква саморегулација, но сега во третата и последна фаза ќе се појават пред судовите. Постапките кои ќе се водат пред судовите ќе формираат правна пракса и значаен историски момент на овој вид на пазар. Особено во англосаксонското право каде што тие постапки стануваат значајни извори на правото.

Дали би му препорачале на некого сега да инвестира во криптовалути? Ако некој ве праша да купите криптовалута токму сега, што би рекле и која би ја одбрале?

-Јас препорачувам пред се силна едукација и подигање на нашата индивидуална финансиска писменост пред носење на било какви инвестициски одлуки. Жал ми  е да кажам но ние сме таква средина каде што лесно се злоупотребува наивноста на граѓаните и честопати сме жртви на секакви „понзи“ и незаконски шеми.

Одлуките мора да се лични, образложени и со дезирфициран ризик. Особено на пазарите кои се слабо регулирани.

Возможно ли е да се стане милионер „преку ноќ“ во овој бизнис и колку Македонци познавате кои успеале во ова?

-Возможно е да се стане милионер, а возможно е и обратната варијанта. Има Македонци кои сами се декларираа дека станале особено богати, но последните 10 месеци имате пад на пазарот и губење на 2/3 од капиталот и јас не верувам дека останаа многу милионери. Доколку опстојат и издржат и кризата не им ги избрише портфолијата, секако е возможно повторно зголемување на вредноста на тие валути. Факторот ризик е многу голем.

Често читаме за хакирани берзи и измамени граѓани, и кај нас, при трансакции или купување на криптовалути од недоверливи извори. Треба ли поголема едукација во земјава за да се спречат слични појави?

-Мислам дека ова е најважниот претстоен момент. И Финансиска едукација и регулација. Во спротивно граѓаните се оставени на милост и немилост покрај на регуларните инвеститори и учесници на крипто-пазарот, и на финансики мешетари кои се појавуваат како печурки после дожд во време на кризи.

Според ваше мислење, дали криптовалутите се иднината на плаќањата и дали ќе се воспостават како единствен начин на плаќања?

-Нивното место во светот на дигиталните финансии е неспорно, но каков и колкав процент и учество ќе имаат во новата дигитална економија останува да видиме, бидејќи тие се уште се приспособуваат на пазарот и го бараат своето место.

Пробивот и транзицијата што ја направи Ethereum со преминување на валидизација на трансакции со 99% помали трошоци на струја и намалување на емисиите на CO2 може да биде пресуден елемент за преобликувањето на местото и влијанието на криптовалутите во новиот свет и тоа како зелени валути без потреба од рударење.

В.З.