
Во период кога автомобилската индустрија доживува трансформација, а новите технологии и искуства сè повеќе го обликуваат изборот на потрошувачите, компанијата Делфино Мобилити Груп се наметнува како предводник на иновациите во регионот. Разговаравме со Илија Тоневски, Извршен директор на Делфино Мобилити Груп, кој ни откри како Geely салонот во Скопје – сместен во урбано јадро, со концептуален пристап кон продажбата и услугите – беше прогласен за најдобар во светот за 2024 година.
Тоневски сподели дека ова признание е потврда дека и мал пазар како Македонија може да блесне глобално, кога се вложува визија, интегритет и емоција. Зборува и за стабилниот раст на Geely продажбата, плановите за проширување на понудата со нови модели, уникатниот постпродажен сервис кој ја поедноставува грижата за клиентите, како и регионалната стратегија на Делфино – не само преку Sixt, туку и преку влезот на нови автомобилски брендови.
Со Geely, Lynk & Co и идните иновации на пат, Делфино Мобилити Груп има амбиција да стане регионален лидер во мобилноста и автоиндустријата – со став дека Geely не е тренд – Geely ќе остане, ќе расте и ќе стане сè почест дел од секојдневниот автосвет.
Бизнис Инфо: Geely салонот во Скопје е прогласен за најдобар во 2024 година. Какво значење има оваа награда и кои беа клучните фактори што, според вас, придонесоа за ова признание?
Оваа награда има огромно значење за нас – не само како признание од Geely Auto Group, туку и како симбол на тоа што Македонија, и покрај тоа што е мал пазар, може да биде лидер кога работите се прават со душа, визија и интегритет. Наградата беше врачена пред повеќе од 1.500 членови на глобалната Geely мрежа, и тоа само покажува дека и најмалата точка на мапата може да блесне, ако таму има луѓе што веруваат во она што го прават.
Ние не тргнавме по класичниот пат. Наместо во индустриска зона, го поставивме салонот во срцето на градот – во фасадата на стадионот, каде што автомобилите не се само изложени, туку се дел од едно ново урбано доживување. Направивме простор кој зборува – за брендот, за иднината, за луѓето.
Покрај самиот салон, отворивме и концептуален нетворкинг кафуле, дизајниран по највисоките модни и урбани стандарди, со простор за подкасти, настани, креативни собири – место каде што културата и технологијата се спојуваат. Тоа е нашата визија – да не продаваме само автомобили, туку да градиме искуство.
Ова признание е доказ дека кога ќе вложиш емоција, кога секој детал е размислен, кога ќе создадеш нешто што го немало на пазарот – тоа се гледа, се чувствува и се вреднува. Оваа награда не е само златна плакета – ова е потврда дека се исплати да бидеш храбар, различен и верен на својата приказна.

Бизнис Инфо:Минатата година стартувавте силно со 84 продадени возила за само два месеца. Како изгледаат продажните бројки една година подоцна, и дали очекувањата беа исполнети или надминати?
Од самиот почеток забележавме стабилен интерес на пазарот. Продажбата се движеше во нагорна линија, и не само што расте интересот, туку и реализацијата – сè повеќе клиенти се одлучуваат за Geely. Ова ни дава голема сигурност и потврда дека сме на вистинскиот пат.
Посебна благодарност до нашиот продажен и пост-продажен тим, кои со својата посветеност придонесува Geely да стане сè позабележлив бренд на пазарот. Клиентите ја препознаваат разликата – Geely не е само уште една марка, туку нов пристап, нова технологија и ново чувство за вредност.
Иако сме тука за да поставиме основа за брендот во регионот, нашата мисија е и да ги срушиме стереотипите кои постојат кога се зборува за кинески возила. Фактот дека со само два модели веќе постигнавме сериозни резултати е сам по себе импресивен.
Оваа година очекуваме пристигнување на 3 до 4 нови модели кои ќе ја прошират нашата понуда и дополнително ќе го засилат растот. Уверени сме – Geely е во сигурни раце. Нашите тимови веруваат во брендот, а и клиентите сè почесто ја гледаат истата таа разлика што ние ја гледаме од првиот ден.
Geely не е тренд – Geely ќе остане, ќе расте и ќе стане сè почест дел од секојдневниот автосвет. И тоа веќе почнува да се гледа – по улиците, во разговорите и во довербата што ја добиваме секојдневно.
Бизнис Инфо: Geely често се опишува како бренд со „европска ДНК и кинеска технологија”. Дополнително, работите и со Link & Co, уште еден иновативен бренд со слична структура. Како македонските купувачи ги перцепираат овие брендови – дали има разлика во интересот и на што најчесто се одлучуваат?
Geely како корпорација е одличен пример за успешно интегрирање на европска инженерска традиција со кинеска визија за иднината. Со стратегиски потези како преземањето на брендови како Volvo, Lotus и Smart, Geely не само што обезбеди врвна технологија, туку ја инкорпорираше истата во своите возила и сопствени брендови како што се Geely, Zeekr и Lynk & Co.
Lynk & Co, кој го носиме и на македонскиот пазар, е посебно иновативен бренд – со радикален дигитален пристап, модерен дизајн и фокус на новите генерации. Во моментов, покрај плагин-хибрид моделот 01, го очекуваме и целосно електричниот 02, како и врвниот плагин-хибрид 08, кој ќе понуди рекордни 200 километри автономија на струја, нешто што ретко се среќава во сегментот.
Geely денес е 10-та најпродавана авто-групација во светот, со над 3 милиони продадени возила годишно, и амбициозни планови за влез во топ 5 глобални производители во следните пет години. Токму ваквите чекори и видлива трансфер на технологија – од моторите до системите за безбедност и дигиталните платформи – го зголемуваат доверението кај нашите купувачи. Луѓето препознаваат што стои зад овие брендови – вистинска иновација, сигурност и визија за иднината.

Бизнис Инфо: Делфино Мобилити Груп успешно го управува брендот Sixt во Македонија и Албанија. Дали гледате потенцијал за проширување и на други соседни пазари, и во кој правец би се движела вашата регионална стратегија?
Делфино Мобилити Груп со посветеност и амбиција го води брендот Sixt во Македонија и Албанија, поставувајќи нови стандарди на пазарот за мобилност во регионот. Со флота од над 1.300 возила и присуство на два клучни пазара, со гордост можеме да кажеме дека сме една од највлијателните и најбрзорастечки рент-а-кар компании на Балканот.
Проширувањето е природен следен чекор. Потенцијалот за раст го гледаме не само како можност, туку како обврска – да ги пренесеме нашите искуство, квалитет и професионализам и на други пазари во регионот. Веќе сме во процес на активна евалуација на неколку соседни земји, каде што веруваме дека нашата структура, know-how и брендови ќе донесат вистинска трансформација.
Паралелно со Sixt, работиме на поставување на Geely и Farizon во Албанија (комерцијална дивизија на Geely), што дополнително ја проширува нашата визија – Делфино како регионален играч, не само во мобилноста, туку и во авто-индустријата и модерните транспортни решенија.
Со силен менаџерски тим, јасна визија и потврден капацитет за извршување, веруваме дека регионалната експанзија е прашање на време, а не на можност. Нашата цел е Делфино да стане синоним за стабилност, иновација и лидерство – на секој пазар каде што ќе стапнеме.
Бизнис Инфо: Какво е искуството на клиентите по една година користење Geely возила – од аспект на постпродажба, сервис, достапност на резервни делови и генерална поддршка?
Постпродажната услуга беше – и сѐ уште е – еден од клучните приоритети при носењето на нов автомобилски бренд на пазарот. Свесни сме дека довербата се гради токму по продажбата, затоа сме особено горди што со Geely поставивме висок стандард уште од самиот почеток.
Geely располага со магацин за резервни делови во Македонија, како и со големи логистички центри во Црна Гора, Словенија и Дубаи. Тоа значи дека времето на чекање за делови е сведено на минимум, што е исклучително важно за клиентите.
Најимпресивно од сѐ – по една година активно присуство, немаме ниту еден гарантен случај, што говори за квалитетот, сигурноста и стабилноста на Geely возилата. Техничките перформанси, удобноста и низок степен на дефекти се едни од најголемите причини зошто клиентите ни даваат позитивни повратни информации.
Дополнително, благодарение на хармонијата внатре во нашата групација, овозможуваме едно иновативно и беспрекорно сервисно искуство:
Кога доаѓа време за сервисирање на Geely возило, клиентот може едноставно да го остави возилото во било која Sixt станица, каде добива заменско возило од брендот Geely или Lynk & Co, додека нашиот тим го превзема автомобилот, го носи во сервис, го сервисира, пере и истиот ден го враќа назад – целосно подготвено и без никаква мака за клиентот.
Овој пристап го олеснува сервисирањето на начин кој клиентите го препознаваат како нов, модерен и беспрекорно организиран. До сега, системот функционира совршено – и така планираме и да продолжиме. Имаме искусен и посветен тим во нашиот After Sales центар, што дополнително ја зацврстува довербата на клиентите.
Како што велиме со гордост – Happy Life. Geely Drive.
Бизнис Инфо: Со оглед на вашето портфолио, дали размислувате да донесете нови автомобилски брендови до крајот на годината?
Geely како групација има импресивно портфолио на брендови, и нивната визија е тие да бидат целосно присутни во регионот. Тоа е процес што веќе започна, и кој носи едно ново, поинакво искуство во автомобилската индустрија тука.
Пред нас се навистина возбудливи времиња. Не би откривал премногу однапред, но можам да кажам дека доаѓа нешто ново… и нешто добро познато. И двете ќе привлечат големо внимание.
А сето тоа што следува, веројатно ќе биде вредно за една подетална приказна – кога ќе дојде вистинскиот момент.











