Нашата цел е клиентите да одлучат да влезат во светот на инвестирање во акции, додека грижата за тоа кога и кои акции ќе се купат е наша. Ако гледаме малку пофилозофски секогаш е најдобро време да се почне со вложување и истото да се прави со искусен водич, односно инвестициски советник вели во интервју за Бизнис Инфо, Коста Костадиновски, основач и директор на „Капитал ассет менаџмент“
Високата инфлација во центарот на вниманието ја стави темата за зачувување на вредноста на парите. Што научивме од сите кризи со кои се соочивме во изминативе години, во однос на тоа дали и во што треба да се инвестира?
Сите кризи без исклучок даваат екстремно добри можности за заработки вложувајќи во акции. Долгорочно реалните вредности се секогаш подобра опција во однос на паричните вредности. Државите и централните банки најчесто кризите ги решаават со дополнително внесување на нови пари во финансиските ситеми, што долгорочно влијае на намалување на куповната моќ на парите. Ако сакаме да ја заштитиме вредноста на нашите пари треба да инвестираме во реални вредности како што се акции од квалитетни и растечки компании, кои остваруваат високи добивки, делат дивиденди и кадешто има уверување дека на долг рок ќе опстојат во секакви околности.
Како изгледа просечниот македонски инвеститор, која е нивната, возраст… Од кои бранши доаѓаат тие што најмногу инвестираат?
Наши клиенти се граѓаните кои имаат заштеди и заклучиле дека неможат да ја заштитат вредноста на парите чувајќи ги на трансакциска сметка или депозит, па се одлучуваат да инвестираат во портфолио од акции. Исто така инвестираат и сопственици на бизниси кои заработуваат добро од истите и дел од профитот го насочуваат кон вложување во акции од други компании, со тоа што на тој начин си обезбедуваат поголема стабилност на своите финансии. Во однос на бројот на клиенти доминираат помладите, а волуменот на акумулирани средства е концентриран кај повозрасните.
Светските берзи уриваа рекорди изминатава година, а македонските граѓани и компании купуваат акции и обврзници и на странски пазари. Кои акции се најпривлечни за домашните инвеститори, на европските и американските берзи?
Да, точно изминатава година значително се зголемија вредностите на индексите, најпопуларни беа акциите од технолошкиот сектор, посебно вештачката интелегенција, кои по наше видување во моментов се превисоко валуирани и во моментот прилики гледаме во други сектори. Нашиот бизнис е да им помогнеме на инвеститори кои имаат мали познавања за берзите и им треба соодветна стручна помош и асистенција во структурирање и водење на портфолио од акции. Генерално нашата стратегија е да вложуваме во компании коишто имаат стабилни бизниси, добра историја на добивки и дивиденди а притоа на пазарот може да се купат по поволна цена.
Сега се моменти на празнична сезона (Новогодишни и божиќни празници) дали има клиенти кои се одлучуваат да подарат акции на своите блиски?
Сé почесто и почесто имаме ситуации кадешто повозрасни клиенти инвестираат дел од своите парични средства за своите деца или внуци, а сме имале ситуации кога сме пренесувале акции од претходна генерација како подарок. Генерално мотивацијата за овие гестови е да се пренесе културата и навиката за штедење и инвестирање кај помладите генерации.
Како изгледа еден работен ден на инвестициски советник кои се редовните деловни активности во текот на денот? Кои вештини треба да ги поседува еден инвестициски советник?
Најголем дел од денот се поминува во следење на тековните случувања на берзите, читање информации во врска со компаниите кои ги следиме и извршување трансакции. Во врска со формалните квалификации кои треба да ги има некој што ја извршува оваа функција е лиценцата за овластен инвестициски советник која ја издава Комисијата за хартии од вредност, а од вештините би истакнал аналитички способности, трпеливост и истрајност да се следи движењето на инвестициите и пазарите и соодветно да се реагира.
Вие сте финансиски советник, но колку е важно клиентот да биде финансиски писмен, бидејќи одлуката за инвестирање на крајот сепак е негова?
Нашата цел е клиентите да одлучат да влезат во светот на инвестирање во акции, додека грижата за тоа кога и кои акции ќе се купат е наша. Ако гледаме малку пофилозофски секогаш е најдобро време да се почне со вложување и истото да се прави со искусен водич, односно инвестициски советник.
Денес, на вакво ниво на развој на инвестициските услуги кога постојат компании како нашата, кои можат, сакаат и се овластени да ја преземат улогата на водење на портфолијата, граѓаните многу лесно и информирано може да донесуваат одлуки за вложување.
Капитал ассет менаџмент го доби престижното признание за квалитет „Македонски квалитет” за 2024 година. Што претставува за Вас оваа награда и колку истата Ви значи како поттик за остварување на што поголеми успеси?
Ова признание за нас има особена важност и нè поттикнува да дадеме уште поголема додадена вредност за нашите клиенти во годините што доаѓаат. Капитал ассет менаџмент е единствена компанија во земјава специјализирана за управување на имоти вложени во финансиски инструменти во интерес на своите клиенти, односно за нив управува портфолија претежно од акции од познати домашни и странски компании. Нашето дваесет годишно искуство, знаење и експертиза, стекнати работејќи за меѓународни финансиски институции го вградивме во Капитал ассет менаџмент и затоа компанијата оствари забележителни резултати и динамичен раст од основањето до денес.
Какви се вашите прогнози за годинава што следи што може да очекуваме од глобалниот и домашниот пазар?
Имајќи во предвид дека инфлацијата во голема мера се става во контрола очекуваме во 2025 година да дoјде до посериозно намалување на каматните стапки што ќе стимулира инвестиции и прогрес, а во таква околина акциите очекуваме да продолжат да имаат позитивни движења.