
Македонската економија се подготвува за нов инвестициски циклус со најава на три значајни проекти од странски компании во вкупна вредност меѓу 110 и 120 милиони евра. Станува збор за инвестиции во клучни сектори како автомобилската индустрија, високите технологии и фармацијата, кои се очекува да генерираат над 1.500 нови вработувања. Новите капацитети ќе бидат лоцирани во технолошко-индустриските развојни зони во Скопје и Тетово, со што дополнително ќе се зајакне извозниот потенцијал на земјата, информираше попладнево премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
“Веќе сме во фаза на потврда и конфирмација на три многу важни странски инвестиции. Едната е во делот на автомобилската индустрија – турска, едната е во делот на индустријата на високи технологии – германска и едната е во областа на фармацијата – грчка, појасни премиерот и додаде дека треба во периодот што следува да бидат објавени“, рече Мицкоски.
За едната рече дека ќе биде во зоната во Тетово, а другите две во скопската зона. Некои од постојните, како што нагласи тој, ги прошируваат нивните инвестициски капацитети, а уште со десет други се преговарало.
– Еден жесток инвестициски циклус што нас ни е битен поради намалување на невработеноста, потенцираше Мицкоски пред пратениците.











