Инвестиција од 28 милиони евра: Промовиран комплексот Планет – елитна населба во Сарај

651

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска присуствуваше на промоцијата на проектот на Комплексот Планет во Сарај. На промоцијата присуствуваа и Премиерот на РСМ, Зоран Заев, претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, пратеникот и претседател на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, како и инвеститорите на проектот Валдета Касапи, Самет Мисими и Џемил Шабани.

“Ова е првата населба во Скопје која нуди поинаков концепт на живеење и првата елитна населба од овој вид која се гради како резултат на вашата упорност и визија. Навистина ми е драго што успеавте да препознаете дека политиките кои ги креираше Градот Скопје во изминативе три години, пред се, за рамномерен развој на сите делови од градот, помогнаа во вашата одлука да инвестирате во овој проект. Со нашата работа изминативе неколку години, активностите на Владата и општина Сарај, испративме порака до граѓаните и инвеститорите дека Скопје е град кој е еднаков за сите“, кажа на промоцијата градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот Шилегов им посака на инвестоторите успешна работа, додавајќи дека се надева комплексот дека ќе биде вистински пример за успешен проект кој моше да се реализира преку соработка на приватниот сектор, државните институции и локалните самоуправи.

Комплексот Планет е елитна населба која се простира на површина од 15 хектари, лоцирана помеѓу реките Вардар и Треска, во близина на езерото Треска. Со истиот се предвидени изградба на елитна населба со вили, паркови, спортски игралишта и центри, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри и др.

Предизвикот да се изгради сосема нов станбен и урбан комплекс во близината на Скопје, кој практично претставува мал град, невистина заслужува почит, истакна премиерот Зоран Заев.

“Денеска сме на место на кое за неколку години ќе никне комплексот Планет на 150 хектари со 142 вили, со сета придружна инфраструктура од улици и пристапни врски со постоечката градска патна мрежа, канализации, вододоводна мрежа, како и мрежа за електрична енергија и интернет. Станува збор за супер модерна населба која ги има предвид сите функционалности за едно урбано живеење вклучувајќи објекти за здравствена заштита, пошта, банка, библиотека и книжарница, градинка, надворешен амфитеатар за организација на настани, спортски центри, хелиодром, базени и хотелско ресторански комплекс“, рече Заев.

Она што е исклучително значајно е што градбата на целиот станбено-деловен комплекс зафаќа само околу 20% од вкупната површина што ја опфаќа инвестицијата, а остатокот од 80% му припаѓа на зеленилото, додаде тој.

Креаторите на комплексот Планет се прилагодиле на природата и на еколошката функционалност на теренот и во средината на комплексот е централниот парк кој, всушност, го претставува веќе постоечката шума во границите на локацијата за негова изградба.

Сместен на влезот на Скопје од неговата западна страна, меѓу реките Вардар и Треска, почнува да се издига станбено деловен комплекс според највисоки стандарди и за чија изградба пред сѐ се задолжени веќе докажаните градежни компании на инвеститорите Блеро-Фикс и Валмир компани, а ќе бидат вклучени и десетици други компании подизведувачи од различни дејности.

Вредноста на оваа инвестиција од 28 милиони евра е сериозно раздвижување и придонес и за нашата вкупна економија и затоа проектот ги заслужува сите пофалби и охрабрувања, рече Заев.