Инвестиција од 30 милиони евра и 300 вработувања во автомобилската индустрија

Нова инвестиција вредна над 30 милиони евра на компанијата од автомобилската индустрија „Гентерм“, која ќе овозможи нови до 300 вработувања, најави македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

„Денеска испишуваме уште една важна страница во современата економска приказна на државата. Ја објавувам новата инвестиција на ‘Гентерм’ – глобален лидер во автомобилската индустрија, кој покрај веќе постоечката инвестиција во Прилеп, почнува со план за процес на проширување на производството токму овде. Со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме дека Македонија станува сигурна дестнација за долгорочно стратешки технолошки напредни инвестиции“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата.

Според премиерот, станува збор за високоинтегрирани системи во автомобилската индустрија, со нова технолошка опрема автоматизирани линии и современо производство. Со тоа, нагласи премиерот, стануваме регионален хаб на „Гентерм“ за Европа.

„Ова не е само уште една инвестиција, ова е двигател на нашата економија. Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвараат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење умеење и труд“, истакна премиерот Мицкоски.

Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски смета дека со оваа нова инвестиција американската компанија „Гентерм“ сериозно ќе го зголеми извозот од својата фабрика која веќе ја има во Македонија.