Инвестиција од 46 милиони евра за модерни откупно дистрибутивни центри во Струмица и Ресен и земјоделска платформа во Скопје

34

Предлог законот за земјоделско земјиште дава рамноправност и еднаквост на земјоделците кои сакаат да ја купат земјата или да продолжат да ја обработуваат под закуп, објаснува во интервју за Локално, заменикот министер за земјоделие, Трајан Димковски.

Според него “државното земјоделско земјиште е природен и економски ресурс само ако го ставиш во функција, а ако не тогаш со годините какви што веќе поминаа кај нас е елемент на узурпација, подлога за ширење на шумски пожари и можност за злоупотреба на администрацијата”.

Клучната разлика меѓу постоечкиот закон и новиот предлог закон, според него, е што земјата може да ја купи само тој што веќе го обработува земјиштето.

Во однос на постојаниот тренд на раст на цените на храната, уверен е дека ни претстојат успешни откупни сезони особено по отворање на дијалогот за билатерална соработка со повеќе земји чии пазари досега беа недостапни за македонските производи и двојното зголемување на средствата за промоција.

Во насока на модернизација на македонското земјоделство и поголема конкурентност на производите го издвојува проектот на Светска банка  во вредност од 46 милиони евра кои ќе се инвестираат во два модерни откупно дистрибутивни центри во Струмица и Ресен и во земјоделска платформа во Скопје.

“На овој начин ќе се решат долгогодишните проблеми со чување и складирање на земјоделски производи, ќе се постигне стандардизирано земјоделско производство во големи количини, усогласување со европските регулативи и стандарди за квалитет, што ќе придонесе да се извезуваат големи количини кон пазарите со додадена вредност, како што е европскиот. Да не заборавиме дека овие инвестиции предвидени се да генерираат нови вработувања, што директно влијае за економската придобивка на граѓаните“, вели Димковски.

Фото: Freepik