Инвестициски совети од милијардер: Зошто златото е единствениот „пасош“ за сигурност во криза?

Легендарниот инвеститор и милијардер Реј Далио предупреди дека светот е „на работ“ на капитална војна, поради зголемените политички тензии и нестабилноста на финансиските пазари.

Зборувајќи на Светскиот владиен самит во Дубаи, Далио истакна дека сме опасно блиску до конфликт во кој парите се користат како оружје – преку трговски ембарга, негирање на пристап до берзите или користење на долгот како средство на притсок.
„На самиот раб сме. Тоа не значи дека веќе сме во војна, но сме многу блиску до неа. Лесно би можеле да се лизнеме преку таа линија бидејќи има многу страв од двете страни“, изјави Далио за CNBC.

Како пример, тој ги наведе неодамнешните тензии околу обидот на администрацијата на Доналд Трамп да го стави Гренланд, територија на Данска, под контрола на Вашингтон.

Далио, исто така, предупреди на загриженост кај европските инвеститори кои поседуваат средства во долари, бидејќи се плашат дека би можеле да се најдат под санкции. Во исто време, постои и „реципрочен страв од Соединетите Држави дека може да им снема европски капитал или дека Европа повеќе нема да сака да ги купува нивните државни обврзници“.

Според истражувањето на банката Сити (Citi), европските инвеститори купиле дури 80 проценти од сите американски државни обврзници земени од странски купувачи од април до ноември, што дополнително покажува колку се меѓусебно поврзани финансиските пазари.

„Капиталот и парите се клучни. Денес низ целиот свет гледаме воведување ограничувања на протокот на пари. Прашањето е кој ќе го почувствува тоа следно. Ние сме на работ – тоа не значи дека војната веќе започнала, но логично е да се биде загрижен“, нагласи Далио.

Откако се врати во Белата куќа минатата година, Доналд Трамп воведе, а потоа повлече серија казнени царини против партнерите и ривалите, кои испратија шок-бранови низ глобалните пазари.

Далио предупредува дека се создава нерамнотежа на капиталот што може да стане геополитичко оружје. Тој потсети дека во историјата, за време на големи конфликти, се применувале мерки како што е контролата на девизните курсеви, додека денес државните инвестициски фондови и централните банки веќе се подготвуваат за можни ограничувања.

Како историски пример, тој го наведе периодот пред САД да влезат во Втората светска војна, кога Америка воведе санкции врз Јапонија по ненадејното влошување на односите.

„Слично сценарио е замисливо денес помеѓу Кина и САД, па дури и – како што веќе се шпекулира – помеѓу САД и Европа. Бидејќи другата страна на трговскиот дефицит е всушност капиталот, тој создава нерамнотежа што може да се користи како оружје“, рече Далио.

Златото како безбедно пристаниште
Во услови на зголемени тензии, Далио верува дека златото останува најдобрата заштита од економски шокови, дури и по неодамнешниот пад на цените на благородните метали.

„Вредноста на златото не се менува преку ноќ. Денес е околу 65 проценти поскапо отколку пред една година, иако е намалена за околу 16 проценти од својот врв“, објасни тој.

Тој предупредува дека инвеститорите често прават грешки кога се обидуваат да го погодат идеалното време за купување.

„Наместо тоа, владите и големите фондови треба да одредат колкав процент од своите средства сакаат да го задржат во злато и да се држат до него. Златото е одлично за диверзификација бидејќи се однесува поинаку од другите инвестиции.“

Како што заклучи тој, златото „сјае“ најмногу во време на криза, додека во периоди на просперитет обично заостанува.

„Најважно е парите мудро да се распоредат на неколку страни“, рече Далио.