
Инвестициското расположение во еврозоната се подобри овој месец и го достигна највисокото ниво од јули минатата година, покажуваат резултатите објавени во понеделникот врз основа на индексот Sentix.
Во оценката на инвестициската доверба во периодот од 6 до 8 февруари учествувале 1.111 инвеститори.
Според нивните одговори, индексот Sentix се зголеми на вредност од -12,7 од цифрата од -17,7 во јануари. Прогнозата на аналитичарите интервјуирани од Ројтерс беше за благ пораст до -16,3 во просек.
Оценката на инвеститорите за тековната економска состојба се подобри на -25,5 овој месец од -29,5 во јануари.
Економските очекувања за следните шест месеци исто така значително се подобрија и сега изнесуваат 1,0 во споредба со -5,0 во јануари. Ова е првпат таа бројка да премине на позитивна територија од јули.
Оптимизмот произлегува и од пооптимистичките погледи на германската економија.
„Германската економија во рецесија е вистински товар за целата еврозона. „Токму во овој сегмент има видлива надеж дека работите ќе се подобрат“, се наведува во образложението за најновиот рејтинг на инвестициска доверба.
Во Германија се одржуваат федерални избори овој месец и расположението на инвеститорите ја одразува надежта дека новоизбраната влада може да ја промени економската динамика на земјата.











