Инвестициските можности на Македонија на светски конгрес за автомобилска индустрија

22

101081058На светскиот конгрес за најновите случувања и перспективи во автомобилската индустрија, што се одржува во Детроит, од 15 до 17 јануари, се преставени и инвестициските можности што ги нуди Македонија во тој сектор.

Овој конгрес се одржува во пресрет на најважниот годишен автомобилски настан во светот North American International Auto Show (NAIAS). Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, со неговиот тим и економскиот промотор во Детроит, Дејан Величков, го претставија македонскиот штанд на Конгресот.

Мизо и Величков се сретнаа со претставници на повеќе компании со кои контактираат веќе подолго време, како и со компании присутни на економското претставување на Македонија од страна на Владата во ноември лани во Детроит.

“Присуството на државна институција од Македонија на конгресот беше позитивно оценето и од организаторот и од голем дел од учесниците кои го посочија ова како пример за држава која работи активно на промоција на можностите и привлекување странски инвестиции”, соопшти Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Презентации на конгресот извршија претставници на Форд, Ауди, Крајслер, Хонда, Хјундаи и БМВ, како и глобални производители на компоненти како Денсо, Континентал, Магна, Џонсон Контролс, Брос и Борг Варнер. Со свои штандови на конгресот се претставија и Канада, Англија и региони како Вирџинија и Луизијана.