Инвеститорите го тужат Адидас поради соработката со Канје Вест

20

Спортската компанија Адидас е тужена од инвеститори кои тврдат дека компанијата знаела за проблематичното однесување на раперот Канје Вест, години пред да ги прекине врските со него.

Инвеститорите велат дека Адидас не успеал да ги ограничи финансиските загуби и да преземе мерки на претпазливост за да ја минимизира нивната изложеност, јавува Би-Би-Си.

Адидас ги отфрли сите обвинувања, велејќи дека тоа се неосновани тврдења.

„Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за енергично да се одбраниме од нив“, се наведува во соопштението на компанијата.

Американскиот рапер дизајнираше линија на патики под брендот „Yeezy“ за Адидас, а компанијата подоцна призна дека можела да загуби и до 700 милиони евра поради фактот што голем број патики, вредни стотици милиони евра, не успеа да продаде.

Адидас ја прекина соработката со раперот минатата година по антисемитските коментари на раперот, кога беше објавено дека компанијата не толерира антисемитизам, но ниту друг вид говор на омраза.

Фото: facebook