
Акциите на европските берзи го завршија вчерашното тргување во позитива, со што го следеа растот на конкурентните берзи во светот, првенствено поради надежта дека американските Федерални резерви ќе ги намалат каматните стапки во декември.
Пан-европскиот STOXX 600 го заврши денот со пораст од 0,3 проценти, а сите главни регионални берзи и сектори забележаа добивки, објави CNBC.
Индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за околу 0,6 проценти, додека францускиот CAC 40 изгуби 0,3 проценти, а лондонскиот FTSE 100 изгуби околу 0,1 процент.
Гледајќи ги компаниите поединечно, акциите на германската Bayer пораснаа за речиси 11 проценти откако фармацевтската и биотехнолошка компанија објави позитивни податоци за ефикасноста на нејзиниот разредувач на крвта Асундексијан, кој спречува мозочен удар.
Спротивно на тоа, данскиот конкурент Ново Нордиск изгуби 5,8 проценти од својата пазарна вредност откако активната состојка во неговите лекови за дијабетес и дебелина Оземпик и Вегови не успеа да ја исполни главната цел во големото испитување на потенцијален лек за Алцхајмерова болест.
АстраЗенека доби 0,8 проценти откако британскиот производител на лекови во петокот изјави дека ќе инвестира 2 милијарди долари во својот погон за производство на биолошки лекови во американскиот град Фредерик, зголемувајќи го своето присуство од 50 милијарди долари во Соединетите Американски Држави.
Акциите на европските компании од одбранбениот сектор денес се во минус, додека разговорите меѓу САД и Украина за создавање мировен план продолжуваат.
Така, акциите на компанијата Рајнметал паднаа за 5,0 проценти, Ренк изгуби 4,4 проценти, Хенсолдт 4,6 проценти, а Сааб 5,6 проценти.
Севкупно, индексот STOXX 600, кој се фокусира на воздухопловството и одбраната, го достигна најниското ниво од јули и ја заврши сесијата со пад од два проценти.











