Инвеститорите во Германија се оптимисти за прв пат од почетокот на војната

100

Инвеститорите во Германија покажаа оптимизам во јануари за прв пат од почетокот на војната во Украина, охрабрени од поблагиот пораст на цените на енергијата и владината поддршка за домаќинствата и компаниите, покажа во вторникот истражувањето на Институтот ZEW.
Индексот на економско расположение на ZEW во јануари се зголеми за 40,2 поени во однос на декември, на 16,9 поени.

Позитивната вредност сигнализира дека преовладуваат оптимистичките очекувања. Индексот е во негативна територија од февруари 2022 година и почетокот на руската инвазија на Украина.

„За прв пат од февруари 2022 година, кога започна војната во Украина, индикаторот сигнализира значително подобрување на економската ситуација во следните шест месеци“, рече претседателот на ZEW, Ахим Вамбах.

Скокот првенствено беше поттикнат од поповолната состојба на енергетските пазари и владините мерки за помош на луѓето со високи сметки за енергија, објаснува Вамбах.

Можноста за ублажување на инфлацијата особено го подобри расположението во секторите во близок контакт со потрошувачите, а извозниците и големите потрошувачи на енергија во индустријата се охрабрени од укинувањето на мерките за сузбивање на Ковид во Кина, додава шефот на германскиот институт.