
Европските берзански индекси денес се во пад, цената на златото продолжува да расте со истовремен пад на цените на нафтата и пченицата, додека инвеститорите се фокусирани на прелиминарните податоци за инфлацијата во најголемите економии на Еврозоната, Германија, Франција и Италија.
Инвеститорите, исто така, ги следат вестите за потенцијално затворање на американската федерална влада, бидејќи Конгресот и претседателот не успеваат да го донесат буџетот на време, што би можело да влијае и на финансиските пазари.
Индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 0,21 проценти на 23.730,27 поени, францускиот CAC 40 за 0,35 проценти на 7.854,80 поени, британскиот FTSE 100 за 0,12 проценти на 9.289,22 поени, московскиот MOEX за 0,73 проценти на 2.664,22 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones се зголеми за 0,15 проценти на 46.316,07 поени, вредноста на индексот S&P 500 за 0,26 проценти на 6.661,21 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,48 проценти на 22.591,15 поени.
Европските фјучерси за гас за октомври беа продадени на отворањето на берзата TTF по цена од 32.440 евра за мегават-час. Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта падна на 65.822 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 66.469 долари.
Цената на златото се искачи на 3.853,29 долари за унца, а цената на пченицата падна на 5,1728 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата е 1,17468 долари, што е за 0,13 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.