
Американскиот технолошки гигант „Епл“ оствари рекордни годишни приходи во Индија во износ од околу девет милијарди долари, во фискалната година што заврши во март, објавува Блумберг, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Ова е зголемување од 13 проценти во споредба со претходната фискална година до март 2024 година, кога приходите на Apple изнесуваа околу осум милијарди долари.
Зголемувањето на продажбата е првенствено последица на подобрата продажба на iPhone, но и на MacBook компјутерите, додава њујоршката агенција.
Индија сè уште сочинува мал дел од глобалниот бизнис на Apple, но компанијата со седиште во Купертино брзо инвестира во оваа земја, која би можела да стане нејзина клучна пазарна поддршка во наредните години.
iPhone-ите на Apple се поскапи во Индија отколку во Соединетите Американски Држави поради високите даноци. На пример, основниот модел iPhone 16 се продава за повеќе од 900 долари во Индија, додека неговата цена во Америка е 800 долари.
Apple се обидува да привлече индиски клиенти преку студентски попусти, програми за размена на стари уреди и соработка со банки кои нудат враќање на пари. И покрај глобалниот пад на продажбата на телефони, ваквите стимулации му помогнаа на индискиот пазар да забележи забрзан раст.











