Иран разгледува нов модел на управување со Ормутскиот теснец

Иран разгледува модел за управување со Ормутскиот теснец преку продажба на осигурување, што укажува дека се стреми да постигне рамнотежа помеѓу повоената контрола во согласност со меѓународното право и економските придобивки, според извештајот на новинската агенција Фарс.

Моделот би бил прифатлив за другите земји во мирно време и би му овозможил на Иран да го контролира теснецот. Според овој план, Иран би обезбедил доминација во информациите и би можел да ги разликува бродовите од земјите од целиот свет што транзитираат низ Ормутскиот теснец.

За потсетување, поради американско-израелските напади, Техеран ја презеде контролата врз теснецот, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Бродовите на пријателските земји го координираат транзитот со иранската морнарица.

Безбедноста на Ормутскиот теснец е одговорност на иранските вооружени сили, вели Техеран, додавајќи дека, соодветно на тоа, управувањето со теснецот ќе остане трајно во ирански раце, имајќи ги предвид загубите предизвикани на Иран од минувањето на непријателските бродови.

Во меѓувреме, Техеран смисли два модели за управување со Ормутскиот теснец по завршувањето на војната, пренесува Хина.

Моделот на собирање транзитни такси и продажба на услуги на бродови во мирно време, како што е пилотирањето, би бил можен, гледано од перспектива на меѓународното право, но би донел политички трошоци за Иран. Според тој модел, управувањето со Ормутскиот теснец би било ограничено на продажба на услуги кои, во најдобар случај, би му донеле на Иран до две милијарди долари приходи.

Моделот за продажба на осигурување дизајниран од Министерството за економија предвидува продажба на широк спектар на полиси за поморско осигурување и сертификати за финансиска одговорност.

Во почетната фаза, планот предвидува продажба на полиси за осигурување од инспекции, задржување и заплена, со исклучок на осигурување од штета од вооружени напади. Таквиот модел би можел, под претпоставка дека има низок ризик, да му донесе на Иран приход од повеќе од десет милијарди долари.