Исцрпени се средствата за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети

73

peleti-1Во врска со Јавниот оглас за надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата за 2018 година, Ве информираме дека заклучно со денешниот ден, 21.02.2018 година, средствата  предвидени предвидени во Буџетот за 2018 година за надомест на оваа мерка се веќе искористени.

Ова е првата од мерките предвидени во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, со вкупен буџет од 50 милиони денари, за која беа издвоени 14 милиони денари.

Целта на оваа мерка за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, беше да се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.

Тоа значи на сите оние кои купија печки на пелети, по објавување на јавниот повик  на 31 јануари 2018, и аплицираа со потребните документи,  им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50 %, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2018 година. Принципот по кој се врши доделувањето на надоместокот е “прв дојден прв услужен“, а до целосно исцрпување на средствата за оваа намена, после што ќе бидат изготвени решенија за исплата на надоместокот за домаќинствата кои ги исполниле условите утврдени со Програмата. Листата на баратели кои го остваруваат правото на надомест ќе биде објавена на веб страната на Министерството за економија.

Во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година има уште две мерки со иста цел: надоместување на дел од трошоците за замена на старата столарија со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци, за која се обезбедени 30 милиони денари и надомест за купен и вграден соларен колектор, мерка која веќе 9 години Министерството за економија успешно ја спроведува, за која годинава се обезбедени 6 милиони денари. Овие мерки ќе станат активни во месец март, со објавување на огласите за нив.