Исплатени 1.3 милијарди денари финансиска поддршка за 17.000 тутунари

33

Заврши целосната исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2021, а исплатени се вкупно 1.3 милијарди денари на сметките на 17 илјади тутунопроизводители, информира министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Процедурата со која тутунарите ја добија оваа финансиската поддршка започна веднаш откако пратениците во Собранието ја одблокираа законската измена во законот за земјоделство и рурален развој, преку одложувањето на обврската кон УЈП.

МЗШВ изразува жалење што овие средства не беа порано исплатени на сметките на тутунарите, бидејќи процесот на донесување на оваа законска измена во Собранието беше закочен речиси 6 месеци, односно од февруари 2022 година.

Дополнително, МЗШВ ги информира земјоделците дека во следниот период започнува реализацијата на исплатата за финансиската поддршка за набавено вештачко ѓубриво и поддршката за продадени или заклани гоеници. Во тек е и реализација на поддршката преку програмата за директни плаќања за премијата за произведено и предадено млеко јануари-февруари 2021, како и субвенциите за заклани бројлери и несилки во регистрирани кланични капацитети.