Истанбул ќе биде единствениот аеродром во Европа кој ќе има три паралелни полетувања

Аеродромот во Истанбул има намера да дозволи слетување и полетување на три авиони во исто време со цел да се подобри ефикасноста и брзината на воздушниот сообраќај. Доколку се остварат плановите на Турците, Истанбул ќе биде единствениот аеродром во Европа каде што се можни такви операции.

Турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу изјави дека во тек се подготовки за имплементација на системот Triple RWY Operations (TRO) на аеродромот во Истанбул (IST). Со други зборови, најголемиот аеродром во Турција треба да дозволи три авиони да полетуваат и слетуваат истовремено.

Обуката на персоналот за изведување на ваков тип на операции е веќе планирана за март, додека пробите треба да започнат до крајот на оваа година, пренесува FL360aero, повикувајќи се на изјавата на министерот.

Подготовките за оваа програма започнаа во 2022 година. Генералниот директорат на државната управа за аеродроми (Devlet Hava Meydanları İşletmesi Genel Müdürlüğü – DHMİ), наводно, иницирал развој на безбедносна анализа за овој тип на операции.

Доколку овие планови се остварат, Истанбул ќе биде единствениот аеродром на Стариот континент каде ќе биде возможен ваков тип на работа.

Полетувањето и слетувањето на три авиони во исто време, според најавите, треба да го забрза авиосообраќајот во Истанбул и да го направи поефикасен. Во 2023 година, аеродромот во Истанбул беше еден од најпрометните воздушни центри во Европа, со повеќе од 76 милиони патници.

Аеродромот може да опслужи 90 милиони патници, но во следните фази на проширување капацитетот треба да се зголеми на вкупно 200 милиони. Истанбул моментално има пет функционални писти и планира да изгради шеста.