
Истекува мерката за ограничување на цените и маржите што ја воведе Владата пред рамазанските и велигденските празници. Од Министерството за економија и труд велат дека прво ќе ги согледаат конечните резултати што ги даде мерката, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму. Доколку има злоупотреби најавуваат нови поригорозни мерки.
Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, мерката дала позитивен резулатат бидејќи, повикувајќи се на офиијални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во делот на храна и пијалоци, односно намалување на цените. Податоците за април, исто така, како што рече, укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.
Министерот најави дека од 1 мај Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако се утврди дека маркетите се однесуваат девијантно и енормно ги зголемат цените, како што рече, ќе бидат воведени поригорозни мерки.











