Истекува рокот за пријавување во Агенцијата за вработување за лицата кои претходно доцнеа со пријавување

56

Денеска истекува рокот што Агенцијата за вработување им го даде на лицата кои доцнеа со пријава во евиденција на невработени лица да отидат во Центрите за вработување и дисперзираните канцеларии за да ја регулираат својата обврска.

На 18 февруари директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири на прес-конференција информираше дека дотогаш околу 54.000 лица доцнеле со пријава во евиденцијата на невработени лица (активни баратели на работа) и други лица кои бараат работа (пасивни баратели на работа) во АВРСМ.

“Јавно ги повикуваме сите оние лица кои ги надминале роковите за пријава во евиденцијата на АВРСМ во наредните 30 дена почнувајќи од утре, да дојдат во Центрите за вработување каде се евидентирани за да ја регулираат својата обврска како активни или пасивни баратели на работа“, рече тогаш Демири.

Во спротивно, како што рече Демири, Агенцијата за вработување ќе биде приморана да ги избрише овие лица од евиденцијата на невработени лица, со што ќе ги изгубат првата што ги имаат врз основа на овој статус.

“Затоа уште еднаш сакам да апелирам до сите активни и пасивни баратели на работа кои изминатиов период не се пријавиле во Агенцијата за вработување, да го сторат тоа во наредните 30 дена или најдоцна до 19 март 2021 година“, рече директорот на Агенцијата за вработување.

Овој рок беше даден откако претходно АВРСМ согласно уредбата со законска сила донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија со цел спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19, ги одложи роковите за редовно пријавување на невработените лица, а на 15 септември лани повторно беше воспоставено редовното пријавување на секои 30 дена – за активните баратели на работа, односно на секои шест месеци – за другите лица кои бараат работа или пасивни баратели на работа.

Невработените лица биле известени за терминот кога треба да се пријават во надлежниот Центар за вработување или дисперзирана канцеларија. Со воведување во евиденцијата на Агенцијата за вработување невработените лица односно активните баратели на работа имаат пристап до Активните програми и мерки за вработување кои се спроведуваат согласно годишните Оперативни планови за вработување кои се креираат согласно потребите на пазарот на трудот.

Фото: Pexels