Источен сојуз: Изградбата на новиот гасовод од Русија до Кина долг 960 километри почнува во 2024 година

69

Изградбата на гасоводот долг 960 километри од Русија преку Монголија до Кина ќе започне во 2024 година, објави монголската државна агенција Монзаме, повикувајќи се на вицепремиерот на земјата Саинбујангиин Амарсајхан.

„Во моментов физибилити студијата е реализирана 70 проценти. Во телефонскиот разговор меѓу премиерите на двете земји на 9 ноември беа разменети информации за заедничка реализација на заемно корисни, големи проекти. Во таа насока, министрите добија соодветни инструкции“, рече Амарсајхан.

Прецизирано е дека трасата на гасоводот е одредена. По завршувањето на физибилити студијата до крајот на оваа година, инженерите и техничарите ќе започнат со деталниот проект, а подготвителните работи ќе завршат во рок од две години. Работата на изградбата на гасоводот официјално ќе започне во 2024 година.

Според вицепремиерот на Монголија, штом заврши физибилити студијата, се очекува владите на трите земји да склучат договор за регулирање на тарифите и цените.

Монголија во моментов преговара со Газпром да стане земја-потрошувач заедно со изградбата на транзитниот гасовод Сојуз Восток низ нејзината територија. Монголија планира да донесе одлука откако внимателно ќе ја пресмета домашната потрошувачка на природен гас.

Гасоводот Сојуз Восток е продолжение на рускиот гасовод Моќта на Сибир 2. Очекувано, капацитетот на овој гасовод, кој преку Монголија би пренесувал гас до Кина, би бил 50 милијарди кубни метри годишно.

Руските експерти сметаат дека големиот извозен потенцијал ќе му овозможи на Газпром да се ослободи од постојаната приврзаност кон западните клиенти и со тоа да посвети поголемо внимание на источниот правец.

Проектот Моќта на Сибир беше завршен во 2020 година, изградбата траеше пет години, а вредноста на проектот се проценува на околу 400 милијарди долари.