Историски ден за Албанија – отворен најновиот аеродром со најдолга писта на Балканот!

Денес, на Меѓународниот аеродром Валона (VLO) беше изведен првиот сертификациски лет, со што официјално започна со работа овој аеродром. Според надлежните, тој ќе претставува влезна точка кон Јужна Албанија и двигател за развој на туризмот.

По пристигнувањето на авионот, на свеченоста присуствуваше премиерот Еди Рама, како и вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку. Таа истакна дека „меѓународниот аеродром во Валона е најважната инвестиција поврзана со националната гордост и ветување дадено од владата предводена од Еди Рама“.

“Ова е историски момент за Валона, но и за Косово, бидејќи станува збор за вложувања на косовскиот претприемач Беџет Пацоли. Кога го започнавме овој проект, зборувавме за инвестиција од околу 104 милиони евра. Денеска зборуваме за инвестиција од 140 милиони евра. Пистата е сертифицирана денеска и чекор по чекор ќе се продолжат сите процедури за да биде подготвен овој аеродром во текот на летото, да биде оперативен со сите услуги”, рече Балуку.

Според неа, аеродромот ќе функционира со три деловни модели: цивилно воздухопловство, одржување на воздухоплови и комплетен карго терминал. Аеродромот се простира на 22 илјади квадратни метри и има најдолга писта на Балканот, со должина од 3,2 километри.

Во своето излагање, Рама оцени дека проектот за изградба на овој аеродром бил особено предизвикувачки поради сложеноста на теренот. “Сакам да им се заблагодарам на оние кои веруваа во овој проект и работеа на него, кој воопшто не беше лесен и беше исклучително предизвикувачки. Доволно е да се погледне малку подалеку за да се види како целиот аеродром е подигнат два метра над земјата, бидејќи земјата е 2 метри под нивото на морето, и каква извонредна работа е извршена во целиот невидлив дел за да се гарантира солидна платформа од највисоката меѓународна категорија”, изјави Рама.

Пацоли, чија компанија “Мабетекс” е дел од конзорциумот за изградба на аеродромот, изјави дека тој ќе биде многу функционален, проект каков што не е виден во регионот, изразувајќи задоволство што тука „ќе бидат вработени повеќе од 1.000 работници, на престижни позиции кои се добро платени“.