Историски момент: Електричните автомобили и хибридите за првпат ги престигнаа дизелите

53

Негативната кампања насочена кон дизел моторите и се построгите регулативи за емисијата на издувни гасови, се чини носат резултати на европскиот пазар на автомобили. Откако го загубија приматот во однос на бензинот, сега дизел автомобилите паднаа уште еден чекор пониско.

Ова значи дека, за прв пат во историјата, продажбата на дизел мотори била помала од онаа на електрифицирани возила, според податоците од анализата на пазарот на JATO Dynamics за Европа.

Така, во август, во Европа се продадени вкупно 151.737 електрифицирани возила (комбинирани возила со електричен и хибриден погон), што претставува пазарен удел од 21 процент. Во исто време, 141.635 дизели пронајдоа нови сопственици, или 20 проценти од вкупниот број продадени возила.

Првиот избор на купувачи и понатаму се автомобили со бензински мотори, кои сочинуваат 56 проценти од продадените на четири тркала.

Во првите осум месеци годинава, во Европа се продадени 1,32 милиони електрифицирани возила, додека во истиот период минатата година, таа бројка изнесуваше само 158.300 единици, што покажува голем скок во популарноста на овие возила.

Најпродаван електричен модел е Volkswagen ID.3, а потоа следува Tesla Model 3, додека VW ID.4 е на трето место. Кога станува збор за „plug-in“ хибридите, во август првото место го задржа Ford Kuga, а потоа следеа Mercedes GLC и BMW 3 серијата.

Освен зголемувањето на бројот на продадени електрифицирани автомобили, веста што го обележа автомобилскиот пазар деновиве е дека, втор месец по ред, најпродаван автомобил во Европа е Dacia Sandero.

На второ место е Volkswagen Golf, а топ 5 најпродавани се Toyota Yaris, Dacia Duster и VW T-Roc.