Историски рекорд на македонските аеродроми: Над 2 милиони патници за шест месеци

Аеродромите во Скопје и Охрид бележат историски раст на авиосообраќајот, со повеќе од два милиони патници во првите шест месеци од годинава и зголемување од 32 проценти во однос на истиот период лани, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, резултатите се должат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии, со што во изминатите година и пол се воведени 28 нови авиодестинации, а со зимскиот ред на летање се очекува и нови дестинации, што значи дека до крајот на годината може да се стигне и до 4 милиони патници.

Одговарајќи на новинарски прашања по работната посета на М-НАВ, Николоски посочи дека со изборот на Владата во 2024 година се прави анализа на воздушниот сообраќај и воведена е нова политика на привлекување и субвенционирање на нови директни летови, што го даде својот резултат.

“Од двата аеродроми имаме 28 нови дестинации во изминативе година и половина. Сериозен раст на авиосообраќајот, минатата година имаше голем раст, оваа година има историски раст. ​Оваа година двата аеродроми заедно во првите шест месеци имаат раст од 32 проценти“, изјави Николоски.

Гледано во апсолутни бројки, нагласи Николоски, минатата година достигнавме 3 милиони патници, а годинава веќе сме над 2 милиони патници, што значи дека до крајот на годината може да стигнеме до 4 милиони патници.

„Ако тоа не се случи во 2026, тогаш сигурно во 2027 година ќе стигнеме до четири милиони патници, што е огромна бројка, имајќи во предвид дека вкупното население во државата е 1,8 милиони“, нагласи Николоски.

Аеродромите во Скопје и Охрид, посочи Николоски, се најбрзо растечки во своите категории и постигнаа апсолутни рекоди во јули.