Истражување: Инфлацијата е важен мотив за купување криптовалути

25

Криптовалутите минатата година биле широко прифатени во Бразил и Индонезија, чии граѓани бараат заштита од инфлација во период на голем пад на вредноста на домашните валути, вели истражувањето на американската берза на криптовалути Gemini.

Испитани повеќе од 30.000 луѓе

Минатата година била успешна за криптовалутите, покажало истражувањето. Gemini анкетирал речиси 30.000 луѓе во 20 земји од ноември минатата до февруари оваа година.

Бразил и Индонезија предничат во светот по усвојувањето на криптовалути, со 41 процент сопственици меѓу испитаниците. За споредба, нивниот удел во САД изнесува 20 проценти, а во Обединетото Кралство 18 проценти, покажало истражувањето.

Во Европа само 17 проценти од испитаниците навеле дека во 2021 година биле сопственици на дигитален имот, а само седум проценти од оние кои моментално не поседуваат рекле дека во одреден момент планираат да купат.

Bitcoin во ноември достигнал највисоко ниво

Анкетата покажала дека испитаниците во земјите чии валути ослабеле кон доларот се повеќе од пет пати посклони кон купување за да се заштитат од инфлација. Во САД и во Европа само 16 проценти од испитаниците сметаат дека криптовалутите штитат од инфлација, во споредба со 64 проценти од луѓето во Индонезија и Индија.

Индиската рупија ослабела во однос на доларот за 17,5 проценти во последните пет години, додека индонезиската рупија меѓу 2011 и 2020 потонала за 50 проценти. “Gemini” открил дека минатата година 79 проценти од сопствениците купувале дигитален имот поради неговиот долгорочен инвестициски потенцијал.

Најпопуларната криптовалута Bitcoin во ноември достигнала највисоко ниво откако почнало да се тргува со неа, надминувајќи 69.000 долари, со што вредноста на нејзиниот пазар достигнала 3000 милијарди долари, според CoinGecko. Годинава биткоинот се тргува помеѓу 34.000 и 46.000 долари.