Истражување: Купувачите на електрични возила не се толку мотивирани од грижата за животната средина – што им е поважно

112

Неодамнешното истражување нарачано од Polestar покажа интересни резултати за мотивите за купување на такви возила.

Светот ќе се движи кон електрификација и замена на автомобилите на бензин и дизел со електрични автомобили кои се помалку штетни за животната средина и нашата планета. Тоа го поткрепуваат и бројките од продажбата и зголемената побарувачка за автомобили со електрични мотори и полека се движиме кон моментот кога веќе нема да имаме ни избор, бидејќи класичните автомобили со мотори со внатрешно согорување повеќе нема да се продаваат. Како што стојат работите сега, тоа можеме да го очекуваме за десет до петнаесет години, пишува Zimo.

Дотогаш, сè повеќе луѓе ќе купуваат електрични автомобили, а неодамнешното истражување нарачано од Polestar покажа интересни резултати за мотивите за купување на такви возила. Треба да се нагласи дека истражувањето е спроведено само во САД и во него учествувале пет илјади сопственици на е-автомобили, а би било интересно да се види дали слични размислувања имаат и сопствениците на електрични автомобили од другите делови на светот.

Имено, истражувањето покажа дека повеќе од половина (55 отсто) од купувачите на електрични автомобили воопшто не се мотивирани од грижата за животната средина и зачувувањето на Земјата. Нивниот фокус е на технологијата што се наоѓа во електричните автомобили. Како што објасни првиот човек на Polestar за Северна Америка, Грегор Хемброу, денешните генерации имаат поинаков пристап кон луксузот – веќе не им е важно што има под хаубата, туку технологијата вградена во самите возила. Фактот дека таквите автомобили се попријателски за климата е само дополнителна придобивка.

Но, има и разлика во размислувањето која е особено изразена кај демографските групи, каде што за влијанието врз климата и животната средина најмногу размислуваат најмладите, односно припадниците на генерацијата Z (помеѓу 18 и 24 години). За 12 отсто од нив тоа е токму најважната причина за купување на електричен автомобил, што е двојно повеќе во однос на возрасната група меѓу 25 и 41 година и три пати повеќе за возрасната група меѓу 57 и 74 години.