Истражување: Само 8,5 отсто од западните компании ја напуштиле Русија

64

И покрај бесот поради руската инвазија на Украина, многу малку западни компании ја напуштиле Русија, според студијата на швајцарските институции.
Кога Москва ја започна својата инвазија, во Русија беа присутни 1404 компании од земјите на ЕУ и Г7 со вкупно 2045 подружници, а до крајот на ноември само 8,5 од нив го напуштија пазарот.

Во студијата, истражувачите од Универзитетот Св. Гален и Институтот ИМД од Лозана утврдија колку компании со седиште во ЕУ или земјите од Г7 всушност го напуштија рускиот пазар по почетокот на војната. Како што открија, спротивно на извештаите за голем егзодус на западни компании од Русија, вистинското повлекување беше многу мало.

„Покрај тоа, многу компании со седиште во тие земји се спротивставија на притисокот од владите, медиумите и невладините организации да ја напуштат Русија“, велат од Универзитетот Св. Гален.

Повеќе од европските и јапонските компании, американските компании одлучија да ја напуштат Русија, но затворија и помалку од 18 отсто од нивните подружници во Русија, покажуваат резултатите од студијата. Следат јапонските компании со 15 отсто и компаниите од ЕУ со 8,3 отсто.

Според наодите на универзитетот и институтот, компаниите што ја напуштиле Русија оствариле само 6,5 отсто од добивката пред оданочување на сите компании од ЕУ и Г7 кои работат во Русија, а вработиле 15,3 отсто од сите вработени во такви компании.