Италија издвојува една милијарда евра стимулации за купување автомобили

Оваа година Италија ќе обезбеди 950 милиони евра стимулации за граѓаните да купуваат почисти автомобили со цел да го заживее производството во автомобилскиот сектор со поддршка на побарувачката.
Рим ќе обезбеди до 13.750 евра субвенции за граѓаните со најниски примања за да им помогне да купат ново, целосно електрично возило по цена до 35.000 евра без ДДВ, соопшти  Министерството за индустрија.

Истата приходна група ќе има право на стимулација до 10.000 евра за нов plug-in хибрид кој чини до 45.000 евра.

Владата ќе даде стимулации и за набавка на најсовремени возила со мотори со внатрешно согорување, но тие ќе бидат помали.

Досега граѓаните за набавка на електрични возила можеа да сметаат само на најмногу 5.000 евра.

Стимулациите се дел од програмата за помош на автомобилската индустрија што ја објави Владата во 2022 година. Вкупната вредност на мерките е осум милијарди евра.