Италија планира постепено укинување на мерките

119

Италија би можела да започне со постепено укинување на ограничувањата за сузбивање на коронавирусот до крајот на април доколку продолжи успорувањето на ширењето на епидемијата, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте за BBC.

“Треба да избереме сектори што можат да продолжат со нивните активности. Ако научниците го потврдат ова, би можеле да започнеме да релаксираме некои мерки веќе кон крајот на овој месец“, рече Конте.

Постепеноста и претпазливоста се клучни кога станува збор за укинување на општите карантински мерки воведени од Италија за спречување на ширење на вирусот.

Се проценува дека е важно да се избегне собирање луѓе за Велигден (12 април), потоа  Денот на ослободување  на Итaлија (25 април) и Меѓународниот ден на трудот (1 мај), за да се спречи ширењето на вирусот корона.

Првиот чекор по 13 април, се однесува на постепеното започнување со производствените активности, а вториот од 4 мај се однесува на промената на мерките за движење и излегување од изолацијата.

Сепак, датумите на следните чекори не се строго утврдени и зависат од податоците од наредните денови за напредокот во борбата против вирусот Ковид-19.

Мораме да бидеме многу внимателни со втората фаза. Ако направиме грешка, ќе мора да се вратиме на блокадата и да започнеме одново“, рече министерот за надворешни работи на Италија, Луиџи Ди Мајо.

Во средата, од коронавирусот во Италија починале 542 лица, а 604 ден порано.

Севкупно, коронавирусот е потврден кај 139.422 лица во Италија, при што само САД и Шпанија имаат повеќе заразени.

Италија воведе карантин на 9 март.

Фото: Pixabay