Италија размислува да купи удел во Stellantis

Италија е отворена за купување акции во производителот на автомобили Стелантис, изјави министерот за индустрија Адолфо Урсо, најавувајќи дека на граѓаните ќе им бидат обезбедени 950 милиони евра субвенции за купување на „почисти“ автомобили.
Објавувањето на новите стимулации се совпадна со судирот на италијанската влада со автомобилскиот гигант и нејзиниот извршен директор Карлос Таварес околу нивото на производство во земјата.

Урсо рече дека Stellantis се обврза да го зголеми производството во Италија на ниво од еден милион возила, што последен пат беше постигнато во 2017 година. Вкупниот број на возила произведени минатата година изнесуваше околу 750.000.

Тој понатаму сугерираше дека Италија може да ѝ парира на француската влада со преземање удел во производителот на автомобили, чии други марки ги вклучуваат Peugeot и Jeep, објави Ројтерс.

„Ако Таварес тврди дека Италија треба да го стори истото како Франција, која ги зголеми своите активни инвестиции во Стелантис, тогаш можам да прашам. Можеме да разговараме за тоа заедно“, им рече Урсо на новинарите.

Франција сега има шест отсто удел во Стелантис.

Од друга страна, минатиот јуни Џон Елкан, претседателот на Стелантис, кој работи и во Србија, изјави дека неговата компанија не треба да ја додава италијанската држава на своите акционери.

Италијанскиот премиер Џорџа Мелони неодамна изјави дека Стелантис понекогаш прави деловни потези „штетни за италијанските национални интереси“.

Таварес се пожали дека „италијанските стимулации за развој на електрични возила се пониски од оние во другите големи европски земји“.

Италија годинава ќе им даде на граѓаните 950 милиони евра стимулации за купување почисти автомобили со цел да го заживее производството во автомобилскиот сектор.